Фото: Andriy Popov / Panthermedia / Profimedia

Научно докажано: Жените кои имаат редовен секс имаат помал ризик за рано влегување во менопауза

Жените кои имаат редовен секс во текот на неделата или месецот имаат помал ризик од рано влегување во менопауза во споредба со оние кај кои поминуваат по неколку месеци меѓу сексуалните активности, утврдиле научници од Универзитетскиот колеџ во Лондон, пишува „Е-клиника“.

Редовниот секс го намалува ризикот од рана менопауза за 28 проценти

Првата авторка на студијата, докторандката Меган Арнот од Одделот за антропологија, истакнала дека „резултатите укажуваат на тоа дека ако жената нема секс и нема можност за бременост, тогаш телото ’одлучува’ да не вложува во овулација, бидејќи тоа би било бесмислено“. Таа додава дека идејата жените да престанат да бидат плодни за да можат повеќе да се посветат на своето семејство е позната како „хипотеза на бабата“. Оваа теорија претпоставува дека менопаузата првично се развила за да се намали репродуктивниот конфликт меѓу генерациите и да им се овозможи на жените да учествуваат во одгледувањето на внуците.

Како влијае сексуалната активност?

За време на овулацијата, имунолошката функција на жената е ослабена, што ја прави подложна на болести. Ако бременоста е малку веројатна поради недостаток на сексуални односи, тогаш насочувањето на енергијата кон овулацијата е бескорисно, особено кога таа енергија може да се вложи во други активности, како што е грижата за семејството.

Истражувањето е спроведено врз основа на податоци од 2.936 жени, учеснички во голема студија започната во 1996 година. Просечната возраст на жените при првото интервју била 45 години. Најголемиот дел биле белки (48 отсто), повеќето имале завршено високо образование, во просек имале по две деца, а најчесто биле во брак или врска (78 отсто) и живееле со партнер (68 отсто).

Неделен секс имале 64 проценти од жените

Учесничките одговарале на прашања за сексуалниот живот, вклучувајќи дали имале сексуален однос, орален секс, интимни допири или самозадоволување во последните шест месеци. Истражувањето покажало дека најчест облик на сексуална активност бил неделниот секс, кој го практикувале 64 проценти од жените.

Менопаузата во просек доаѓа на 52 години

Ниту една жена при почетокот на студијата не била во менопауза. 46 проценти биле во рана перименопауза (со симптоми како промени во циклусот и валунзи), а 54 проценти биле во пременопауза (со редовни циклуси и без симптоми). За време на десетгодишното следење, 1.324 жени (45%) влегле во природна менопауза на просечна возраст од 52 години.

Резултати од моделот

Жените на било која возраст кои имале редовен неделен секс имале 28% помала веројатност за рана менопауза во споредба со оние кои имале секс поретко од еднаш месечно. Жените со месечен секс имале 19% помала веројатност.

Менопаузата е неизбежна

Истражувачите ги земале предвид и фактори како естроген, образовно ниво, телесна маса, раса, пушење, возраст при прва менструација и здравствена состојба. Испитувано било и дали животот со машки партнер, односно изложеноста на машки феромони, влијае врз менопаузата, но резултатите не ја потврдиле таа претпоставка.

„Менопаузата е неизбежна за секоја жена и не постои бихејвиорална интервенција што може да го спречи прекинот на репродуктивниот процес“, нагласила професорката Рут Мејс, соавторка на студијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот