Фото: Pexels

Научниците открија: Оваа физичка активност е најдобра за квалитетен сон

Истражување на Харбинскиот спортски универзитет во Кина откри дека токму јогата, особено кога се практикува со повисок интензитет, е најделотворната вежба за подобрување на квалитетот на сонот, пишува „Саенс алерт“.

Мета-анализа која ги опфатила резултатите од 30 контролирани клинички студии, спроведени во повеќе од десетина земји и со над 2.500 испитаници од различни возрасни групи, покажала дека редовна јога во траење пократко од 30 минути, двапати неделно, значително го подобрува сонот кај луѓето со нарушувања на спиењето.

Јога пред пешачење и класичен фитнес

По јогата, најдобри резултати за подобрување на сонот покажало пешачењето, а потоа и вежбите за сила. Позитивни ефекти биле забележани веќе по осум до десет недели редовна практика.

Наодите делумно се разликуваат од претходната мета-анализа од 2023 година, која најде дека аеробните или умерено интензивните вежби трипати неделно се најкорисни за подобар сон. Сепак, и тогаш дел од студиите покажале дека јогата има посилно влијание од другите видови физичка активност.

Зошто јогата делува?

Научниците сè уште немаат конечен одговор, но постојат неколку можни објаснувања:

  • Јогата го зголемува пулсот и ја активира мускулатурата.
  • Контролата на дишењето може да го стимулира парасимпатичкиот нервен систем, кој е одговорен за релаксацијата и варењето.
  • Некои истражувања упатуваат дека јогата може да влијае врз мозочните бранови, поттикнувајќи подлабок сон.

Иако резултатите се ветувачки, научниците предупредуваат дека потребни се уште подолгорочни и споредбени студии за различните видови физичка активност. Секое тело реагира различно, па затоа нема универзално решение за несоница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот