
Научниците истражувале како авокадото влијае на здравјето и дошле до сензационално откритие!
Научниците открија неочекувана поврзаност помеѓу консумирањето авокадо и поквалитетниот сон.
Препорачано
Авокадото е познато како многу здрав плод, бидејќи помага за здравјето на срцето и контролата на телесната тежина, но сега е утврдено дека помага и за подобро спиење.
Новата студија на научници од Универзитетот Пен Стејт, спроведена на речиси 1.000 возрасни, покажала дека јадењето по едно авокадо секој ден во текот на шест месеци довело до статистички значајни подобрувања во резултатите за здравјето на спиењето на учесниците, иако не го зголемило нивното целокупно кардиоваскуларно здравје.
Во текот на 26 недели, испитувањето следело 969 Американци со абдоминална дебелина. Половина од групата секој ден јадела по едно големо авокадо од видот Хас, додека другата половина се држела до вообичаената исхрана со минимален внес на авокадо, пишува „Менс хелт“.
Научниците очекувале подобрувања кај традиционалните маркери како што се холестеролот и квалитетот на исхраната, но не очекувале дека ќе откријат и поврзаност со подобриот сон.
Сонот е многу важен
Поточно, учесниците кои секојдневно јаделе авокадо покажале подобрување од 3,20 поени во резултатите за здравјето на сонот во споредба со контролната група. За споредба, ова е на исто ниво со подобрувањата во квалитетот на исхраната (3,53 поени) и липидите во крвта (3,46 поени), што било и очекувано врз основа на претходните студии за авокадото.
Научниците веруваат дека тоа се должи на нутритивниот состав на авокадото бидејќи е „богато со мононезаситени масни киселини, диетални влакна, калиум, фолат, витамин К, бакар и пантотенска киселина“, што е комбинација којашто сигурно може да влијае на сонот.
Сонот е многу поважен отколку што мислиме бидејќи влијае на секој аспект од животот – од имунолошката заштита и когнитивната сила, па до регулирање на тежината и функциите на срцето. Лошиот сон е поврзан со поголем ризик од дијабетес, кардиоваскуларни болести и депресија. Сонот влијае на крвниот притисок, регулирањето на гликозата, воспалението и хормоните на стрес – сите клучни елементи на здравјето на срцето.
А фактот дека едноставна промена во исхраната може да ги подобри резултатите од спиењето без лекови или поголеми промени во животниот стил може да биде значаен за милиони луѓе кои имаат проблеми со спиењето.
Неутрални резултати за подобрено кардиоваскуларно здравје
Но, иако наодите за спиењето биле изненадувачки, главната цел на студијата, подобрување на целокупните резултати за кардиоваскуларно здравје, дало понеутрални резултати. Истражувачите ја користеле верзијата на Американското здружение за срце на таканаречените „Животна суштина 8“ (ЛЕ8), која вклучува осум здравствени фактори: исхрана, активност, сон, тежина, холестерол, шеќер во крвта, крвен притисок и изложеност на никотин.
И покрај подобрувањата во квалитетот на исхраната, здравјето на сонот и липидите во крвта, вкупниот резултат ЛЕ8 не се променил значително во групата што јадела авокадо во споредба со контролната група. Учесниците започнале со просечен резултат од околу 66 од 100 (класифицирано како „умерено“) и тоа ниво генерално останало исто и по шест месеци.
„Внесувањето едно авокадо дневно во текот на 26 недели не влијаеше значително врз целокупниот резултат за кардиоваскуларното здравје кај возрасните лица во САД со абдоминална дебелина. Меѓутоа, квалитетот на исхраната, здравјето на сонот и липидите во крвта се подобриле со дневно внесување авокадо“, заклучува студијата.
Студијата, објавена во „Весник на Американското здружение за срце“ (Journal of the American Heart Association), не тестирала дали времето на консумирање авокадо е важно, а потенцијалните придобивки од спиењето биле очигледни без оглед на тоа како или кога се јадело авокадото.
Сепак, истражувачите предупредуваат дека авокадото не е магичен лек за спиење. Студијата се фокусирала на возрасни со абдоминална дебелина, а резултатите може да не се однесуваат на други групи. Исто така, квалитетот на сонот го обликуваат многу фактори, вклучувајќи стрес, време поминато пред екранот, собна температура и навики пред спиењето.