Наставничката Кристина Ангеловска од „Илија Николовски Луј“ упатена на психијатар со налог од директорката Даница Стојанова

Фото Колаж на Слободен печат

Професорката по пијано со 30-годишен стаж во музичкиот центар „Илија Николовски Луј“ Кристина Ангеловска се наоѓа пред отказ за кој тврди дека е мотивиран од тоа што во Антикорупциска комисија пријавила дека во ова училиште набавиле клавир со спорна јавна набавка. Ангеловска за „Слободен печат“ тврди дека по нејзината пријава до антикорупционерите, следувала канонада дисциплински постапки против неа, кратење на 15 проценти од платата, одземање ученици од нејзината класа – постапки кои ги доживува како вендета.

Од училиштето велат дека нема никаква одмазда, туку дека го спроведуваат законот, бидејќи за наставничката имало претставки до Државниот просветен инспекторат од родители кои барале таа да не им предава повеќе на нивните деца кои сакале да се префрлат кај друг наставник, а 104 наставници се потпишале на иницијатива против Ангеловска во која укажале дека таа не се однесува соодветно кон нив. Една од претставките била за ученик кој имал скршено рака, а родителот не бил задоволен од тоа како Ангеловска се однесува кон него. Таа пак тврди дека дала свои стручни согледувања за неговиот напредок кои на родителот не му се допаднале па решил да ја клевети.

„Државниот просветен инспекторат констатирал дека постои нетрпеливост меѓу наставникот, родителот и ученикот и дека Ангеловска не ги зела предвид емотивната, психичката и здравствената состојба на ученикот, при што од него барала совладување на потребниот материјал и покрај тоа што ученикот одел на часови со скршена рака“, пишуваат од училиштето во налогот за упатување на психијатар.

Ангеловска е упатена на задолжителен комисиски психијатриски преглед со налог од училиштето, потпишан од директорката Даница Стојанова. Со оглед на тоа што нема намера да оди на прегледот за да ѝ се испитува работната способност, нејзе ѝ се заканува престанок на работниот однос на само осум години до пензија. Ангеловска смета дека ѝ се врши вознемирување на работното место и дека е земена на „пик“, а директорката на училиштето Даница Стојанова тврди дека постапува согласно законите. Предметот е исклучително обемен и трае подолго време, а двете страни имаат сосема спротивни ставови поради што се докажуваат во судски постапки кои не се завршени.

Директорката на ,,Илија Николовски Луј”, Стојанова за ,,Слободен печат” вели дека морала да постапи вака, за да ѝ помогне на Ангеловска, да го заштити колективот и учениците, но и зашто така налагаат законите.

– Кристина Ангеловска подолго време го крши законот во училиштето, нејзиниот стил односно негативното дејствување, за жал трае со години. Во овие две години од моето раководење се соочив со голем број проблеми, претставки, инспекциски надзори, усни и писмени жалби од вработените за нејзиниот однос каде се поставува во улога ,,штом не мислиш како мене, тогаш си ми непријател и нема да имаш мир од мене”. Ние сме воспитно-образовна институција, ги следиме насоките од Министерството за образование, Просветниот инспекторат, Бирото за развој на образованието. Сите досегашни насоки од нив упатуваат да се преземат законски мерки за да ѝ се укаже на наставничката Кристина Ангеловска, со очекување дека таа ќе почне да ги почитува законите, актите, етичкиот кодекс, колегијалноста и работните обврски. Наспроти тоа, однесувањето на наставничката кулминира и таа покажа еден неколегијален однос, врши булинг врз колективот, колегите секојдневно се жалат, имаат страв од неа и се вознемирени, изјави за ,,Слободен печат“ директорката на училиштето, пијанистката  Стојанова.

Таа додава дека центарот ,,Илија Николовски Луј” е едно од најдобрите училишта, со големи светски резултати.

– Луј е моето училиште во коешто завршив два отсека како ученик на генерацијата, каде денес моите ученици се и мои колеги и нема да дозволам судбината и рејтингот да ги креираат наставници без резултати, наставници кои ги клеветат своите колеги кои имаат успеси, наставници што не се радуваат на успехот на нашите ученици, туку ги минираат и ги фрустрираат. Додека сум на оваа функција ќе се почитува мојата визија, а тоа е уметноста и законот, на страната на учениците. Нема да престанам во борбата да ги заштитам децата и моите колеги од вакви самозамислени жртви, наставници кои наместо да покажат резултати во своето работење, тие прават штети со големи последици на сите нас. Ние сме уметници и треба да креираме љубов, уметност и благодарност а не суета, булинг и омраза. Кристина Ангеловска го има својот потпис и се е во нејзини раце. Посебно внимавав на постапката за да не биде дискриминирана. Дадена ѝ е можност да си помогне. Се зависи од неа, додаде директорката Стојанова.

Ангеловска не се препознава во овие описи за нејзиното поведение. Вели дека 30 години е наставник во ова училиште, од нејзината класа се излезени врвни уметници кои ги подготвувала за натпревари, а децата ја сакаат. Тврди дека причината за дисциплинските постапки против неа е тоа што се обидела да укаже на спорна набавка на концертното пијано во училиштето, при што освен пари од буџетот биле користени и пари од партиципацијата на учениците.

– Откако пријавив во Антикорупциска за концертното пијано, почнаа да ми одземаат ученици. Ми зедоа пет ученици без одлука, само со одговор на молба потпишана од шефот на клавирската класа и од директорот. Молбите не ми ги даваа на увид, вели Ангеловска за „Слободен печат“.

Откако Ангеловска пријавила, Антикорупциска утврдила дека училиштето набавило концертно пијано, при што во тендерот имало поставено услов клавирот да се достави за 10 дена. Тоа, според Антикорупциска, значело ограничување на конкурентските фирми. Антикорупциска побарала од Училишниот одбор да поведе постапка за утврдување одговорност на директорката. Училишниот одбор навел дека нема надлежност да поведе таква постапка против директорката.

Адвокатката на училиштето, Билјана Јандриоска за ,,Слободен печат” во врска со оваа постапка водена пред Антикорупциска рече, дека согласно законот, ако имало основа да се постапува за концертното пијано тогаш Државниот просветен инспекторат е надлежното тело. Јандриоска тврди дека поранешната постапка што се водела пред Антикорупциска нема никакво влијание на сегашниот случај со наставничката Ангеловска. Според неа, никој во училиштето до денеска не знаел дека Ангеловска пријавила во Антикорупциска, бидејќи пријавата била анонимна.

– Од Државниот просветен инспекторат е јасно констатирано дека нема основи за донесување одлука каква што очигледно посакувала Кристина Ангеловска. Постапката пред ДКСК е покрената кога сегашната директорка била в.д. директор, а постапката за набавка на концертното пијано била почната за време на претходниот директор на училиштето. Проблемите кои се појавија во однесувањето на наставникот датираат многу пред нејзиното писмо со кое сметала дека има право да бара отчет од органите во училиштето зошто постапуваат на начин на кој што постапуваат, а кој што начин очигледно и пречи, изјави Јандриоска.

Наставничката Ангеловска пак, упатила претставка до Државниот просветен инспекторат во која навела дека училишниот одбор имал надлежност да ја разреши директорката, ама според неа, ескивирале, а училишниот буџет со набавката на концертното пијано бил намален за еден милион денари собрани од ученичката партиципација.

Во истата претставка до Државниот просветен инспекторат наставничката Ангеловска навела и дека дисциплинските постапки против неа се водат додека таа го тужи училиштето, а дека во молбите од родителите за префрлување на децата од нејзините часови се изнесени клевети против неа. Кај просветните инспектори таа се пожалила дека кога родител ќе напише молба неговото дете да се префрли од кај Ангеловска кај друг наставник, за нив одлучувале само раководителката на клавирската класа и директорката, наместо одлуките да се носат на состаноци со дискусии.

„Заради незаконско работење во училиштето, се создава тло за протекционизам, клевети кон професори заради лесен премин кон повисоки одделенија, подарени оценки, драстично намалување на критериумите, нивото и професионалноста. Молбите од родители се напишани по сугестии од раководството, а потоа се одобруваат без законска одлука со клеветнички содржини против наставниците кои држиме до високиот и нормален критериум според наставните програми и до својата професионалност, етика и морал и сето ова за девалвација на наставниците од лични причини на раководството. Некои родители ја злоупотребуваат дадената можност нивните деца да добиваат подарени оценки на штета на угледот, трудот и авторитетот на наставникот кој е наклеветен“, им напишала Ангеловска на инспекторите од ДПИ.

Но, Инспекторатот не се согласил со ова нејзино толкување и ја известил дека нема неправилности кога учениците се префрлуваат од една во друга класа, бидејќи им се овозможува хоринзонтално движење на барање на родителот согласно Статутот, а постапено и поткрепено со информација од Хелсиншкиот комитет за човековите права во интерес на детето.

Според информации на ,,Слободен печат“ за кои поседуваме материјални докази, до Хелсиншкиот комитет се пристигнати барем три изјави од ученици кои се жалат на поведението на осум наставници од „Илија Николовски Луј“, од кои дел се веќе во пензија. Наводите од овие писма се вознемирувачки и содржат дури и тврдења дека „доколку ученикот не кореспондирал со хороскопскиот знак на наставникот, трпел реперкусии“.

Државниот просветен инспекторат исто така констатирал дека училиштето постапило по иницијативата од ДКСК за концертниот клавир. За сите пет основи за кои Ангеловска доставила иницијатива до просветната инспекција била известена дека училиштето правилно и законски работело – и за начинот на кој се воделе дисциплински постапки против неа, и за иницијативата од Антикорупциска за концертниот клавир, и за работата на директорот, стручните соработници и за префрлувањето на учениците на кои им предавала кај друг наставник. Државните просветни инспектори потпишани на известувањето дека училиштето работело законски се Драгослава Војницалиевска и Нада Николова.

Дисциплински постапки и за статуси на Фејсбук кои за Ангеловска се слобода на говор, а за училиштето – прекршување на етичкиот кодекс

 

Адвокатката на училиштето, Билјана Јандриоска во опсежно образложение за „Слободен печат“ посочува дека наставничката Кристина Ангеловска имала две укажувања, опомена, поплаки од родителите до училиштето и до Просветната инспекција, по што следувале две дисциплински постапки. Ангеловска пак, ни рече дека за сите овие постапки го тужи училиштето „Илија Николовски Луј“, а во меѓувреме  против неа продолжуваат постапките кои се нижат една врз друга и покрај тоа што на суд не е утврдено дали и претходните се како што треба. 

Адвокатката Јандриоска истакна дека првата дисциплинска постапка била водена во 2023 година, кога раководители, претседателот на Училишниот одбор и администраторот во училиштето ја пријавиле Ангеловска за тешки прекршувања на етичкиот кодекс. Се формирала дисциплинска комисија која расправала за непочитување на работното време, потешки прекршувања на етичкиот кодекс и недавање на евидентни листови на учениците за успехот. На седницата била присутна и Ангеловска со адвокатот Стојанче Геровски, а два месеца подоцна ѝ било издадено решение за дисциплинска мерка парична казна во висина од 15 проценти од платата во времетраење од 6 месеци.

Ангеловска за „Слободен печат“ тврди дека целиот случај со нејзиното наводно неодење на работа е монтиран и дека за да докаже дека одела на работа побарала вештачење, но на вештакот не му било дозволено да пристапи до системот за евидентирање на работното време при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од страна на судот.

– Донесов изјави од родители на ученици кои што потврдуваат дека спорните денови нивните деца имале часови кај мене, а и сум им заведувала во работните тетратки што сме работеле. Ако навистина не сум одела на работа 14 дена, сигурно би ми дале отказ што не е сторено, вели Ангеловска за „Слободен печат“.

Во февруари 2024 година, следувала уште една дисциплинска постапка за потешки прекршувања на стандардите за професионално однесување на наставниците во основните и средните училишта против неа. Адвокатката на училиштето вели дека таа постапка била поведена поради нови дисциплински повреди. Имено, група вработени во училиштето поднеле анонимна претставка до Министерството за образование и до Просветниот инспекторат. Во претставката имало наводи за „секојдневно психичко малтретирање, понижување, омаловажување и навреди како и согледување на последиците кои ги остава наставникот по пијано на социјалните мрежи“.

– Во услови кога против наставникот по пијано има пријави од родители и колеги очигледно е дека тоа што настојува да го претстави училиштето и директорот во, за неа посакуваното светло, паѓа во вода. Директорот не може да не постапува по укажувања на Државниот просветен инспекторат и пријавите во училиштето поднесени против именуваната. Во оваа иницијатива наставниците особено укажуваат дека комуникацијата на наставникот Кристина Ангеловска со вработените и директорката и надвор од училиштето на социјалните мрежи е со вознемирувачка содржина. Иницијативата ја поднеле 104 вработени во училипштето, 99 членови на наставничкиот совет и 5 административни службеници и притоа во неа се укажува на континуирано се почесто психичко вонземирување, мобинг врз вработените, психичка тортура со долги зајадливи и навредливи излагања и реплики на секој наставнички совет, постојани мејлови со вознемирувачка содржина, клевети и закани, вербални притисоци врз колеги во и надвор од училиштето, непрофесионално однесување спротивно на етичкиот кодекс на училиштето, поради што се бараат соодветни мерки. Во иницијативата се укажува и дека со ваквото однесување на пријавената тенденциозно се попречува работата и се руши угледот на училиштето, а воедно се компромитира целиот наставен кадар, вели Јандриоска.

Во Иницијативата било напишано дека „нејзиниот однос кон колегите е навредувачки и понижувачки па „на социјалните мрежи таа ги поистоветува со ставот на социјалниот психолог Стенли Милграм дека припаѓаат во оној процент на луѓе кои немаат психолошки и морални ресурси да се спротистават на наредби од авторитети, наспроти неа која влегува во малиот процент на луѓе кои имаат критичко размислување“.

Дисциплинската комисија во втората постапка ценела што пишувала наставничката на социјалните мрежи. Јандриоска укажува дека јавноста не останала рамнодушна и реагирала.

– На социјалните мрежи имаше реакција од јавноста и ваков коментар: „Ако некој наставник си дозволува да користи ваков вокабулар во јавен простор каде и учениците може да прочитаат, тоа покажува дека нему тоа му е стандарден начин на обраќање. И искрено ме загрижува психичката состојба на жената, да пишува вака на Фејсбук, како ли ѝ е во психата. Ок е критиката, но вокабуларот ,,да ги спржи да замириса на сулфур и изгорено месо, црви ти го јадат мозокот“. Битен факт кој треба како новинар да го оцените кога објавувате е следниот. Има реакција на социјалните мрежи и на друго истапување на наставникот по пијано Кристина Ангеловска бидејќи се потенцира дека се обраќа на ученичка преку социјалните мрежи со текст: „Михаела душо, па ти ми беше најслабата ученичка во цела моја педагошка кариера од 30 години, зар успеа да завршиш некако? Си останала иста. И тогаш беше во свој свет, никако не се снаоѓаше да постигнеш ни една стотинка од твоите минимални ученички задолженија и обврски. Логично дека ќе побараше промена оти кај мене мораше да вежбаш а тебе тоа на сета твоја неработливост многу тешко ти паѓаше”, цитира Јандриоска какви биле комуникациите на Фејсбук.

Дисциплинската комисија од доказите утврдила дека во една од објавите Ангеловска изјавила во јавноста дека докторирала на психопати. Комисијата посочила неколку коментари на наставничката Ангеловска кои влијаеле да ја казнат. Меѓу нив е и следниот:

„Некои луѓе не џабе сте тешко болни. За жалење сте гревови едни, болеста ви е дадена како лекција да не се чувствувате како кралеви без покритие. Ама толку ви сече. Бог не ве обдарил со интелигенција. Јавна тајна е дека ве сметаат за глупави уште пред уста да отворите“.

Во етичкиот кодекс на училиштето е наведено дека треба да се зачува достоинството, угледот и интегритетот на училиштето и личноста. Наставникот треба да работи колегијално кон своите колеги во и надвор од училиштето, да се однесува етички и со почит.

Во Иницијативата до просветниот инспекторат пишувало дека Ангеловска ги негира авторитетите

 

„Од увидот во комуникации на Ангеловска на социјалните мрежи јавно достапни на сите се констатира дека објавува статуси и коментари со вознемирувачка содржина и не ги почитува авторитетите и актите на училиштето”, напишала Комисијата.

Како пример од училишната управа навеле и други коментари:

„Прочитај 100 пати Катерино што пишува во предлогот? Протреси тоа главата на рамења што ја носиш, да проработи ако имаш мозок во неа! Можеби си ти таа гнасната? Парите од невладините ли ти го јадат мозокот како црви?“.

„Татарчиња-племеници-фашисти на Фејсбук врие и лажни и вистински профили. Фрлаат отров ко питони. Членка на ЕУ? Како ли се напикаа таму? Луцифер ги купил за една червена. Ако забележите таков гаден влекач, посадете со темјан и покажете му крст. Да ги спржи да замириса на сулфур и изгорено месо“.

Ќе има ли остра реакција од Пендаровски, Ковачевски и Османи на фашистичката реторика на овој лудак или?

Се наведува и дека на Фејсбук на 13 октомври 2023 година, во петок на својот профил објавила содржина:

„Само сатани можат во петок нешто да слават – денот на Христовото распетие, 13-ти. Само сатани го слават злото под црвеното чергиче кое го кријат. Ама Бог ќе ви ги измеша јазиците“.

По ова следувал извадок со следната содржина:

„Се верува дека тринаесеттиот во групата бил самиот ѓавол. Според нумеролозите бројката 13 страда поради неговата позиција после бројот 12. Така на пример постојат 12 месеци во годината, 12 хороскопски знаци, 12 богови на Олимп, 12 племиња на Израел, 12 апостоли на Исус. Во картите 13-тата е картата на смртта. На тој ден се случила библиска поплава. Каин го убил Авел. Бог на петок 13-ти ги измешал јазиците на Вавилонската кула“.

Од училиштето сметале дека коментарот за „сатаните што слават на петок 13-ти“ се однесувал на нив, бидејќи баш тој ден одржувале концерт.

„Вакво понижување на наставниците со кое се изедначуваат со сатаната заради одржување на концертот и славење на овој ден значи груба повреда на Етичкиот кодекс со повреда и уништување на достоинството и угледот на професијата. За ваквото делување на наставникот јавноста упатува повици да се преземе нешто и истото да се спречи”, пишува Дисциплинската комисија.

Комисијата во февруари годинава, по вторпат ја казнила Ангеловска со 15 проценти од платата во времетраење од 6 месеци.

Адвокатот на наставничката Стојанче Геровски после ова поднел жалба и побарал да се изземат сите членови на Училишниот одбор зашто еден од членовите, Јадранка Тодоровска од Дисциплинската комисија побарала на Ангеловска да ѝ се изрече престанок на работниот однос и така „да се решат проблемите и да се избегне нарушување на угледот на училиштето“.

Геровски во жалбата напишал дека со самото тоа што Тодоровска зазела ваков став на Дисциплинската комисија, а никој друг на состанокот не го оспорил овој став, значело дека комисијата е пристрасна и не може да одлучува по жалбата што тој ја доставува за својата клиентка наставничката Ангеловска.

Затоа бара да се изземе цела комисија и по неговата жалба  да одлучува посебно назначено тело. Тој наведува дека одлуката на дисциплинската комисија е незаконска бидејќи дисциплинската одговорност се однесува на прекршување на работната дисциплина и работните задачи од работниот однос, а етичкиот кодекс не е објавен во Службен весник и нема правна сила.

Од училиштето тврдат дека етичкиот кодекс не мора да е објавен во Службен весник бидејќи не се однесува на сите граѓани туку само на вработените, па затоа е објавен само на сајтот на училиштето.

Геровски во жалбата навел дека Ангеловска не се товари за прекршување на ниедна законска одредба, ниту пак за неизвршување на работните задачи од работниот однос.

За статусите на социјалните мрежи тој вели:

– Ниту еден од приложените и селектираните статуси на социјалната мрежа Фејсбук, на никаков начин не се однесува на школото, ниту кој било вработен во школото е споменат со име и презиме. Темите се од секојдневниот живот на актуелни прашања. Темите се од политичкиот живот на актуелни прашања. Зошто нема реакција од Пендаровски и Ковачевски, тоа се теми поврзани со бугарските предлози за уставни измени. Теми поврзани со напади врз кучиња. Теми поврзани и преземени како ставови на стручна јавност од областа на психологијата и психијатријата без никакво посочување на нитуе едно лице во и надвор од училиштето. Од тие причини ниту главниот инспектор на ДПИ не се осврнува на какви било Фејсбук статуси. Фејсбук статусите на пријавената се лично право на пријавената, неограничено со ниту еден законски текст, токму спротивното, ваквото постапување е децидно предвидено преку одредбите во членот 10 од Европската конвенција за човекови права во одредбата Слобода на изразување, пишува Геровски во жалбата за дисциплинската мерка за Ангеловска.

Тој наведува дека секој човек има право на слобода на изразување, мислење и примање и пренесување информации и идеи, без мешање на државните органи и без оглед на границите.

– Сте презентирани Фејсбук статуси од страна на Дисциплинската комисија претставуваат селектирани статуси, со грубо мешање во приватниот живот на пријавената без никаква законска поддршка за она за коешто се товари. Дисциплинската комисија не ги зела предвид ставовите на пријавената во делот на своите комуникации, но и во делот на комуникации на одбрана на институцијата што сега ја терети. Дел од статусите се постари од една година, а други и повеќе од две години. Останатите немаат свој датум како услов за согледување на нивното времетраење. Реакциите на ваките коментари се без датум. Мобингот пак, за кој се товари Ангеловска се докажува само во судска постапка и на никаков друг начин, додава адвокатот.

Ангеловска за „Слободен печат“ вели дека не планира да оди на психијатарскиот преглед затоа што смета дека ѝ се врши мобинг и дека училишниот одбор нема ингеренции да ја упатува на психијатар. Преку нејзиниот адвокат Геровски поднела барање до училиштето да престанат да ја вознемируваат на работното место. Дополнително, таа и Геровски тврдат дека сите дисциплински постапки се водени на правно погрешен начин.

„Налогот за упатување на психијатриски преглед е донесен врз основа на записник од седница на Училишниот одбор. Вакви насоки за постапување на Училишниот одбор не произведуваат никаква правна сила бидејќи не се преточени во одлука. Сите одлуки донесени од работодавачот кои не се во согласност со одредбите од Законот за работни односи не го засегаат интересот на подносителката. Налогот е незаконит и бидејќи во него нема право на жалба како уставно загарантирана категорија. Бараме да се престане со вознемирувањето на работно место предизвикано од страна на раководен орган а со кое се нанесува штета на подносителот. Бараме да го повлечете налогот зашто е ништовен бидејќи ни директорот ни училиштето не се органи што можат да издадат налог за задолжителен вонреден комисиски лекарски преглед, што самото по себе е грубо прекршување на основните слободи и права на подносителката како граѓанин, како и тешки повреди на правата од работен однос, напишал адвокатот Геровски до училиштето.

Адвокатката на училиштето Јандриоска вели дека жалба на Ангеловска не ѝ следува зашто Законот не ја предвидел и дека нејзе не ѝ се заканува отказ, туку ако не постапи по налогот ѝ престанува работниот однос по сила на закон, што е различно.

– Во конкретниот случај не се применува Законот за работни односи, туку постои лекс специјалис, специјален закон кој се применува за наставници и стручни соработници. Налогот за преглед е по Законот за наставници и токму директорот е законски овластено лице да ја упати на преглед. Што е толку страшно да се прегледа човек? Ако се јави на преглед, лекарот ќе даде мислење и според тоа понатаму ќе се постапи. Упатувањето е во државна установа, нема можност да се манипулира со резултатот. Ако се јави на преглед нема да ѝ престане работниот однос. Тогаш за каков отказ зборува?, вели адвокатката на училиштето Јандриоска.

Наставничката веќе има поднесено 5 тужби против училиштето поради тоа што смета дека незаконски ја таргетираат со дисциплински постапки само затоа што им дојавила на антикорупционерите дека клавирот во училиштето бил набавен со фаворизирање на фирма, за повисока цена од реалната со користење на парите од ученичката партиципација, покрај оние од буџетот на Владата.

И наставничката Кристина Ангеловска и директорката на училиштето Даница Стојанова за „Слободен печат“ велат дека ќе одат до крај, односно дека ќе продолжат со постапките, било да се работи пред судот или внатре во училишните органи. Ангеловска смета дека е таргетирана поради тоа што пријавила нерегуларности во тендерот, а Стојанова смета дека мора да постапува со дисциплински постапки за да ги заштити учениците и вработените од како што вели – неприкладното однесување на Ангеловска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот