Најголемото судење во историјата на Ватикан: Кардинал се соочува со затворска казна поради корупција

Анџело Бечиу / Фото EPA-EFE/FABIO FRUSTACI

Денеска, на судењето на кардиналот Анџело Бечиу за корупција, обвинителот на Ватикан го повика судот да го прогласи за виновен овој некогаш многу моќен функционер на Светата столица и да го осуди на седум години и три месеци затвор.

Одлуката на судот се очекува на крајот на годината, по летната пауза и дополнителните рочишта во кои ќе бидат вклучени оштетените, вклучително и Ватиканската банка.

Тоа е едно од најголемите судења во историјата на Ватикан. Бечиу, некогашен заменик државен секретар, е првиот кардинал на кој му се суди во градот-држава.

На кардиналот (75) и на уште деветмина им се суди во инвестицискиот скандал во кој со црковни пари се купила вила во луксузниот лондонски кварт Челзи, а за имотот, провизиите и други финансиски услуги наводно биле платени неколку стотици милиони евра.

Обвинителот Алесандро Диди се обиде да докаже дека кардиналот и останатите обвинети се виновни за злоупотреба на положбата, перење пари, измама, проневера и корупција во судскиот процес што започна пред две години.

Загубениот бизнис со недвижности во Лондон се вршел, меѓу другото, и со средства на Државниот секретаријат на Светата столица. Сите обвинети негираат каква било злоупотреба.

Бечиу пред барањето на обвинителот рече дека бил повреден од начинот на кој Диди го навредувал како „злобна“ личност.

„Отсекогаш сум работел за доброто на Црквата и ѝ го посветив целиот мој живот. Невин сум и никогаш не сум украл ниту цент, ниту сум се збогатил себеси или членовите на моето семејство“, рече Бечиу.

Откако бил разрешен од државниот секретаријат, Бечиу бил лишен од „правата што му припаѓаат како кардинал“ и по смртта на папата Франциск или неговата абдикација, тој нема да има право да влезе во тајната конклава за да го избере следниот папа.

Бечиу е обвинет за големата финансиска штета предизвикана од шпекулативното купување на поранешната зграда „Хародс“ во лондонскиот Кенсингтон.

Додека Бечиу, кој во тоа време сè уште не бил кардинал, бил заменик државен секретар задолжен за финансиските операции на Државниот секретаријат, Ватикан ја купил зградата во 2014 година како „одлична инвестиција“ за 300 милиони фунти.

Обвинителството на Ватикан треба да докаже дали станува збор за кривично дело или само евидентна неспособност. Меѓу обвинетите, покрај Бечиу, се и поранешните шефови на ватиканската финансиска разузнавачка заедница и двајца италијански брокери. Обвинети се и четири компании поврзани со поединечни обвинети – две од Швајцарија и по една од САД и Словенија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот