МТФ „Војдан Чернодрински“ годинава ќе се одржи под мотото „Смеј се и осмели се“

Најдоброто од македонската театарска продукција од 6 до 13 јуни оди на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Девет претстави во официјалната и пет во независната програма се селектирани за 59. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 6 до 13 јуни во Прилеп.

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ годинава ќе се одржи под мотото „Смеј се и осмели се“. Уметничкиот директор на фестивалот Ана Стојаноска ја објави програмата, а Собранието на фестивалот ги избра наградените за животно дело. Тоа се актерите Соња Михајлова, Снежана Конеска-Руси и Гоце Тодоровски.

– Претстојното издание на фестивалот е спремно, внимателно спакувано, прецизно креирано со огромна љубов и почит кон сите учесници и гости. Во духот на мотото на фестивалот се смеевме и осмелувавме низ предизвиците во текот на оваа година, но како тим покажавме и покажуваме, заедно со градот и целата поддршка од Министерството за култура и општествено одговорните компании, дека Прилеп е единственото место за достојно да се слави театарската уметност. Посебна љубов негуваме кон целата публика што постојано покажува зошто е тоа така – изјави Ана Стојаноска.

Претстави во официјалната селекција се: „12“ според мотивите на „12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Македонски народен театар; „Парови“ од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на Драмски театар – Скопје; „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Куштрим Бектеши, продукција на Албански театар – Скопје; „Слепци“ од Морис Метерлинк и според „Погубни идентитети“ од Амин Малуф, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Турски театар – Скопје; „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар – Битола; „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; „Рацин“, драматург Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес; „Сите прекрасни нешта“ според монодрамата на Данкан Мекмилан, од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народен театар – Штип; и „Пар-распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ, продукција на Театар Комедија – Скопје.

Претставата „12“ во продукција на МНТ ќе биде изведена на отворањето на фестивалот / Фотографија: Кире Галевски

Претстави од независна продукција што се поканети на фестивалот се: „Вампири“ − театарска минијатура за вампирите во театарот, во режија на Милош Б. Андоновски, продукција на „Театар за сите“ – Скопје; „Снег“ од Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на „Штрих“ – Скопје; „Сите најубави нешта“ според Данкан Мекмилан, во режија на Дејан Пројковски, изведба Игор Ангелов, продукција на „ОХО продукција“; „Казабалкан“ од Горан Стефановски, во режија на Дамјан Костовски, продукција на Здружение за развој на театарска продукција „Оска“ – Скопје; „Ла Магбет“ според Шекспир, во режија на Шенај Мандак, во изведба на Хакан Даци, продукција на „Хибрид“ – Скопје.

За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград, и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.

На свеченото затворање на фестивалот и по доделувањето на наградите на 13 јуни ќе биде изведена претставата „Вистината“ на Театар Комедија од Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 284, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.6.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот