Наградата „Пегаз“ ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“

Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2025 година ја доби „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска

Ракописот со наслов „Кривата Дијана (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска, е добитник на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2025 година. Во најтесниот избор беа разгледани и романите: „Пацер“ од Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ од Ники Борас и „Солдат 1882“ од Добре Тодоровски.

На седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнаа 45 ракописи. За победникот одлучуваше тричленото стручно жири во состав: Соња Стојменска-Елзесер (професорка и писателка), Иван Додовски (професор, писател, книжевен и театарски критичар) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“).

Во образложението на Комисијата се вели дека по прочистувањето и по темелното читање на ракописите кои ги пресретнаа условите за учество на конкурсот, комисијата утврди жанровска и тематска разновидност, при што најдоминантни беа романите од жанрот криминалистички и детективски роман, потоа научно-фантастични романи, исповедна, интимистичка проза, историски романи и сл.

Исто така, жирито посебно го прокоментира и го издвои впечатливото присуство на т.н. женско писмо, на силна женска нарација која во незавиена форма и експресивно зборува за женската сексуалност во зрелите години, за партнерските премрежиња, за самостојноста и за соочувањето со траумата. По ваквиот пресек, жирито заклучи дека на структурно и на тематско рамниште, преовладуваат современи, постмодернистички книжевни постапки, во духот на динамичното и дигиталното совремие и на светските трендови, при што со својата филмичност и тензичност, книжевноста се допира со филмската уметност.

Според жирито, романот „Кривата Дијана“ отскокна од сите конкурентски ракописи и затоа едногласно одлучи да му ја додели наградата „Пегаз“ за 2025 година, а својата одлука ја поткрепи со следното образложение:

„Романот ’Кривата Дијана‘ со поднаслов ’Роман за верижната вина‘ од писателката Фросина Пармаковска е проза на актуелниот момент, на вчерашноста и на сегашноста, со антиципација на иднината заглавена во тркалото на колективната несреќа во општества какво што е македонското.

Следејќи ја личната приказна на неименуваниот наратор, за кој уште од првите страници добиваме назнака дека поминува низ некаква траума, го следиме формирањето на синџирот на заедничката траума, што го создаваат индивидуалните постапки, премолчувањата, инертноста, пасивноста и резигнираноста. Во овој роман, напишан со длабоко понирање во душата, со непретенциозна религиозна нота и со интроспекција на внатрешните немири, препознаваме траги од творечката преокупација на Достоевски, кај кого вината е најчесто морално-духовна и онтолошка, и која не е ограничена на личниот чин, туку се пренесува во сферата на меѓучовечката и на космичката одговорност. Иако романот содржи суптилна критика на политичката моќ претставена преку персонифицираниот ’систем‘ како нешто отпорно на промени и суверено, сепак, тоа не ја компромитира книжевната вредност на романот, напротив, од него прави книжевна тема“.

Фросина Пармаковска е родена во Скопје, во 1985 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институтот за македонска литература, на тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и во македонскиот роман“. Член е на ДПМ од февруари 2018 година.

Имала многубројни претставувања на домашни и на меѓународни настани, како што се: Денови на македонската проза во Софија (2015); Саем на книгата во Софија (2015); Меѓународни средби на писатели на островот Зларин, Хрватска (2017, 2018 и 2019); Литературно-музичка манифестација „Креативни точки“, Лешок (2017); Младински прозен фестивал „Да се биде млад, да се умре млад“, Истанбул (2017); Книжевни текови во регионот: Фросина Пармаковска, Аријан Лека и Андреј Николаидис, „Традуки“, Цетиње (2018); Меѓународен книжевен фестивал „Про-за Балкан“, Скопје (2018); Фестивал за култура „Дрим-он“, Струга (2018); Саем на книгата во Франкфурт (2018); Караманови средби, Радовиш (2018); Промоција на романот „Одбројување“ на Саемот на книгата во Лајпциг, „Традуки“ (2019), Саем на книгата во Истанбул (2019); Денови на македонската проза во Будимпешта (2020); Промоција на романот „На враќање“ во КИЦ, Софија (2022); Поетско-прозна манифестација „Добри гости“ во Охрид (2023); Меѓународен фестивал за проза во Куманово (2024); Рацинови средби, добитник на наградата „Рациново признание“, Велес (2024) итн.

Пармаковска е автор на следните романи: „Сè уште можам нешто да сторам“, роман („Или-Или“, 2023); „На враќање“, роман („Или-Или“, 2020); „Одбројување“, роман („Или-Или“, 2017); „Вишнова хроника“, роман („Или-Или“, 2014); „Пишувајќи ги изгубените топки“, роман („Култура“, 2013). Нејзините романи се преведени на неколку јазици.

Досега е добитничка на наградите: Роман на годината за романот „Одбројување“ (2017); во 2014 година, нејзиниот роман „Вишнова хроника“ влезе во финалето за истата награда. Во 2018 ја доби наградата за најуспешен автор меѓу два саеми на книгата, доделена од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). Награда „Рациново признание“ за романот „Сè уште можам нешто да сторам“, кој беше финалист за наградата Роман на годината во 2024 година.

Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022), „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска-Атанасова (2023) и „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски (2024).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!