Над велешко езеро „Младост” забрзано се работи на изградба на Еко – кампот и останатите објекти од „Смарт езеро „Младост”

Во Еко кампот ќе има атрактивен парк за авантури за деца изработен во дрво и други природни материјали.

Во рамки на проектот „Смарт езеро Младост” прва иновативна туристичка атракција во земјава деновиве интензивно се изведуваат финалните градежни  работи со поставување на елементи во Еко кампот над велешко езеро со 15 содржини, а  кој треба да биде готов и пуштен за посетителите некаде до почетокот на октомври.

Работите на Еко кампот ги изведуваат двете велешки фирми „Делта пром” и „Изгрев Инженеринг”.

Како што инфрмира за МИА, Ване Јавас од „Делта пром” тие ја изведуваат металната конструкција на Еко кампот, а дрвената ограда ќе ја прави фирмата „Изгрев инженеринг”.

-Ние ќе правиме и дрвени трибини, возушен мост, сервисен блок и дрвени видиковци, информира Јавас.

Фирмата „Изгрев инженеринг” освен дрвената ограда ќе ги постави и дрвените бунгалови за одмор, а ќе работи и на дел од бродот и на други содржини.

Како што информираат од Општина Велес, Еко-кампот е на површина од 1.500 метри квадратни со пристапен пат. Во еко кампот ќе бидат поставени седум типизирани куќички од дрво, а кои се проектирани во форма на барик како симбол на почетокот на македонскиот вински пат по кој е препознатлив регионот.

Во Еко кампот ќе има атрактивен парк за авантури за деца изработен во дрво и други природни материјали. Во рамките на Еко кампот се реализираат и еко училница, патеки за прошетка, паркур патека, четири летниковци, две конструкции за авантури за деца – една во форма на брод и една во форма на замок, дрвени платформи и дрвена конструкција за тунели за провлекување од една до друга платформа, коса трамболина и трибина.воздушна патека, лавиринт, реквизити за детски паркови и санитарии.

Од „Делта пром” информираат дека патеката за пристапниот пат до „Еко-кампот со бехатон плочки е веќе  завршена, а сега работат на патеката за хортикултурно партерно уредување покрај езерото.

Оваа патека која е дел од проектот „Смарт езеро Младост” е во должина од 400 метри и се движи покрај самото езеро „Младост” на потегот од паркингот кај „Првата плажа” до бродот „Панини”.

Воедно во близина на паркингот привршува и изградбата на продавницата за сувенири.

Инаку, Еко кампот и оваа патека се дел од поголемиот проект на Општина Велес „Смарт езеро Младост” со голем број на содржини, а со кој општината планира да го направи овој рекреативен центар прва иновативна туристичка атракција во земјава за привлекување на домашни и странски туристи.

Како што потенцираат од Општина Велес, со овој проект ЕУ со помош на проектот за локална и регионална конкурентност и Светска Банка му даде огромна шанса на Велес да прерасне во значајна туристичка дестинација не само во земјава туку и во поширокиот регион и да го искористи потенцијалот на езерото крај кое годишно поминуваат над два милиони туристи.

Тие очекуваат преку овој  проект да се отворат и нови работни места и да ја зајакне локалната економија.

Проектот е во вредност од околу еден милион евра или 62 милиони денари, а учеството на Општина Велес е 10 проценти или околу 5 милиони денари. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот