Над 80 луѓе повредени во сообраќајни несреќи со електрични тротинети

Електричен тротинет Скопје
Жена со електричен тротинет на плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Електричните тротинети стануваат популарни меѓу граѓаните поради високата еколошка вредност, малата тежина и големина, подвижност и брзина ги прават добри превозни средства во урбаната средина

Во полицискиот билтен се почесто се среќаваат сообраќајни несреќи во кои учествуваат возачи на електрични тротинети. Како што информираат од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“, до месец мај, евидентирани се 12 случаи на сообраќајни несреќи во кои се вклучени возачи на електрични тротинети, додека тој број е значително зголемен за време на летниот период. Според МВР откако се појавија тротинетите во сообраќајот до сега повредени во сообраќајни несреќи со електрични тротинети се над 80 лица.

За разлика од годинава, во 2022 година се евидентирани 49 повредени во незгоди со електрични тротинети, од кои осум биле тешко повредени. Во 2021 година пак, повредени биле 28 лица, од кои петмина се здобиле со тешки телесни повреди.

Само овој месец има четири случаи на сообраќајни несреќи во кои учествувале возачи на електрични тротинети. Најчести се сообраќајките во кои автомобил удрил во електричен тротинет, но сепак има и од оние во кои возачи се тешко повредени по пад од електричен тротинет. Како причина за тоа е невниманието при возењето, носење слушалки, неприлагодено движење во сообраќајот и не носење заштитна опрема.

Летово е забележен и случај кога електричен тротинет удрил во пешак, по што пешакот која била на 69 годишна возраст се здобила со тешки повреди.Докторите велат дека повредените најчесто сите се со потешки телесни повреди на рацете, нозете и главата.

МВР го поддржува користењето на електрични тротинети, но апелираат да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, и да се почитуваат пропишаните правила.

 

„Го потикнуваме користењето на велосипеди и електрични тротинети кои како категорија на возила не придонесуваат во загадувањето и го намалуваат метежот во сообраќајот, но напоменуваме дека и тие возила мора да се управуваат одговорно, со почитување на пропишаните правила и прописи за безбеден сообраќај за сите нас“, информираат од МВР.

 

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, управувач на електричен тротинет може да биде лице кое наполнило 14 години, а возачот не смее да превезува други лица на него.

Возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по десната страна на велосипедска патека, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци.

Брзината на движење не смее да биде поголема од 25 километри на час, додека пак на пешачка патека истата не смее да биде поголема од шест километри на час. За прекршување на одредбите од Законот, предвидени се казни од 50, па се до 120 евра.

Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето, исто така на електричниот тротинет задолжително треба да има поставено светло во бела боја на предната страна и светло со црвена боја на задната страна.

Според овој Закон, за речиси две години казнети се над 90 возачи на тротинети, а исто толку лица се повредени во сообраќајни несреќи.

Електричните тротинети стануваат популарни меѓу граѓаните поради високата еколошка вредност, малата тежина и големина, подвижност и брзина ги прават добри превозни средства во урбаната средина. Исто така за нивната застапеност и популарност се „виновни“ и градските власти кои даваат субвенции за секој купен електричен тротинет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот