Национална комисија за учебници: Законска обврска е разгледување на стручните мислења доставени од рецензентски комисии, а не стручно вреднување на учебниците

Учебници, Фото: Архива

Националната комисија за учебници, работи во состав од 17 члена, кои имаат задача да ги разгледаат стручните мислења од надлежните тела и по нив да донесат одлука за добиена највисока оценка за доставен ракопис за учебник во конкретна област, коешто е воедно и одлука за избор на текст на учебник кој ќе се печати и ќе се употребува во основното или во средното и стручно образование. Националната комисија за учебници не ги анализира текстовите на предлог-учебниците, се вели во нивното денешно соопштение.

Комисијата, согласно со законот, е формирана и има обврска да ги разгледува и да одлучи дали доставените стручни мислења од рецензентските комисии и Бирото за развој на образование (БРО) или Центарот за средно стручно образование (ЦССО) по доставените ракописи за учебници ќе го прифати или нема да го прифати. Според Законот за учебници не е предвидено Националната комисија да има членови од сите поединечни области од предметите што се изучуваат во основните и средните училишта.

Оттука, во својот состав комисијата нема експерти по сите научни области за директно да ги разгледува пристигнатите ракописи за учебниците по разни научни области. А и да има, тоа не е нејзина надлежност и обврска, туку на наменски формирани рецензентски комисии и на БРО или ЦССО.

Стручноста и експертизата за различни области ја имаат рецензентските комисии кои се формираат одделно за секој учебник, од членови кои се компетентни во конкретната научната област од која е учебникот, како што се математика, географија, историја, козметологија, биологија итн. Повикот за рецензенти се објавува од Педагошката служба, кои по извршен избор сочинуваат листа на избрани рецензенти од различни области и го доставуваат до Националната комисија. Од оваа листа, се формираат рецензентски комисии во состав од по три члена и тоа претседател на комисијата од редовите на универзитетските професори од наставничките факултети за наставниот предмет за кој е наменет учебникот и двајца рецензенти наставници од основно, односно од средно училиште за наставниот предмет за кој е наменет учебникот. По објавен конкурс од Педагошката служба за учебник по конкретен предмет, авторите ги доставуваат анонимно своите трудови – ракописи за учебници на разгледување до рецензентските комисии. Задача на рецензентска комисија е да ги проучи, разгледа и стручно да ги вреднува ракописите за учебници кои пристигнале согласно со Методологијата за вреднување на учебници, по што нивното стручно мислење го доставуваат на натамошно одлучување во Националната комисија за учебници, велат од комисијата.

Напоменуваме дека Законот за учебници во член 16 став 2 наведува дека рецензентската комисија е одговорна за настанатата штета во случај учебникот да биде повлечен од употреба поради сериозни и очигледни грешки во стручното вреднување на ракописот за учебник.

Во случајот со ракописот по предметот Историја и општество за V одд. мислењата коишто во Националната комисија за учебници пристигнаа од БРО и од рецензентската комисија беа позитивни, но со листа на забелешки и сугестии, коишто треба да бидат внесени од страна на авторите пред да се печати учебникот.

Врз основа на добиените мислења за ракописот од БРО и рецензентската комисија, членот известител од Националната комисија на седницата одржана на 6.9.2022 достави негативно мислење и наведе дека ракописот не ги исполнува условите за учебник и не се препорачува за печатење. Беше предложено ракописот да биде вратен на повторно разгледување на авторите и во целост да се извршат корекции согласно со дадените забелешки. По тоа во Националната комисија пристигнаа позитивни мислења за ракописот на учебникот од страна на БРО и на рецензентската комисија, во коишто јасно е наведено дека во целост се извршени корекциите по забелешките и со кои беше предложено учебникот да биде печатен. По добивање на позитивните мислења со препорака за печатење на учебникот и водејќи се од нив, Националната комисија на седница на 27.10.2022 година донесе одлука за прифаќање на ракописот, односно за одобрување и употреба на учебникот.

Истакнуваме дека Националната комисија во текот на целокупното свое работење откако е формирана во март 2022 па сѐ до сега исклучиво работи во рамките на законските надлежности. Националната комисија ќе продолжи, како и до сега, да работи совесно и според Законот, а пред сѐ во интерес на учениците и нивното квалитетно образование, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот