На Владата не ѝ се брза со намалување на коефициентите за платите

Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Владата мора да направи сè што е во нејзина моќ и надлежност, а има надлежност, платите на функционерите од мене па до локална самоуправа да останат на ова ниво на кое се сега, со измена на коефициенти, со измена на основица, алармира претседателот на државата Стево Пендаровски

Според пратеници со кои контактираше „Слободен печат“, за 8 дена од крајот на минатиот месец тие имаат зголемување на платите од 10.000 денари, додека според „истражувањето“ на претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, тие земале зголемување на плати од 16.000 денари. И едниот и другиот износ е огромен и на месечно ниво зголемувањето би било или 38.750 денари, или 62.000 денари, во зависност од тоа кој извор се земе како релевантен во време кога сите официјални претставници молчат.

По зголемувањето на платите на пратениците, кои земаа меѓу првите плата за март, и сите други именувани и избрани функционери ќе добијат зголемување на платите. Ова се случува откако Уставниот суд укина членови од регулативата во кои имаше фиксна основица за пресметка на платите од 26.773 денари и остана да важи одредбата според која основицата е просечната плата од минатата година (во Законот за плати и други надоместоци на пратеници и други избрани и менувани функционери не е прецизирано дали станува збор за нето или за бруто плата), која потоа се множи со коефициенти во зависност од позицијата и изнесуваат од 2,2 до 4,5 .

Има ли решение за намалување на функционерските плати?

Од Владата најавија дека мора да се почитува одлуката на Уставниот суд, но дека зголемувањето на платите ќе го решат со намалување на коефициентот. Клучните прашања сега се: Кога Владата ќе даде предлог за законски измени на коефициентот за пресметка на плати на именувани и избрани функционери? Дали веќе има начелни анализи за новите коефициенти и колкави ќе бидат тие? Овие прашања ги поставивме и во Владата, а одговорот го чекаме.

Парите што веќе се исплатуваат, не се планирани во државната каса за 2023 година. Но, и министерот за финансии мора да ја почитува Одлуката на Уставниот суд и да се снајде со пари. За министерот Фатмир Бесими во овој момент клучни прашања се: Каков е мандатот на Министерството за финансии во однос на непланираното во Буџетот зголемување на платите на именувани и избрани функционер? Од каде пари за исплата на зголемените плати? Дали е направена пресметка колку пари треба дополнително за ова непланирано зголемување? Чекаме одговор и на овие прашања… Во меѓувреме, во медиумите излезе информација дека за зголемувањето на платите треба околу 5 милиони евра.

Додека од Владата веќе 10 дена молчат и велат прават анализа, претседателот на државата Стево Пендаровски изјави: „Владата мора да направи сè што е во нејзина моќ и надлежност, а има надлежност, платите на функционерите од мене па до локална самоуправа да останат на ова ниво на кое се сега, со измена на коефициенти, со измена на основица“.

Ковачевски: Коефициентите ќе се сменат со носење нов закон за плати

Промената на коефициентите за плати на именувани и избрани функционери ќе се врши во рамките на нов закон и таа ќе биде дел од системско решение, одговори премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање на прес-конференцијата посветена на енергетиката.

– Владата работи на нов закон за плати со конзистентност на сите функционери во државата. И сега немаме конзистентност. Имаме директори во јавни претпријатија со многу поголеми плати од пратениците. Коефициентите ќе бидат дел од системско решение, нема да се носат паушални одлуки, па потоа да се случува тоа што сега се случи – вели Ковачевски.

Тој потенцираше дека одлуките на Уставниот суд се конечни, ниту смеат да се коментираат ниту, пак, не смеат да не се спроведуваат.
Ковачевски објасни и дека според дописот што Министерството за труд го дало до Генералниот секретаријат на Владата, Владата останала на став дека платите на избраните и на именуваните функционери треба да останат исти. Според него, „не е точно дека според одлуката на Уставниот суд, платите на сите функционери се зголемуваат како што се зборува во медиумите“.

Кој колку вреди од функционерите во однос на просечниот работник?

Коефициентот за утврдување на платата за претседател на Република Македонија, претседател на Собранието и претседател на Владата изнесува до 4,5, на претседател на Уставниот суд и на потпретседател на Собранието и на Владата е 4, на член на Владата, претседател на работно тело на Собранието, претседател на Врховниот суд, јавен обвинител, судија на Уставниот суд, гувернер, јавен правобранител, народниот правобранител, секретар на Собранието и секретар на Владата, изнесува до 3,7, на вицепремиери, советници во кабинетот на премиерот,, н претседателот, на заменик-гувернер и разни други заменици од високиот ешалон, коефициентот е 3,40, на разни именувани раководители е 3,2, на судија на основен суд и на заменик на основниот јавен обвинител изнесува до 2,8, градоначалниците имаат основна плата поголема од просечната меѓу 2,7 и 3,7 пати, во зависност од бројот на жителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот