На специјализантите им скисна: Бојкотиравме зашто нема плата, па од Детска ни рекоа дека кога биле на наше место, работеле без пари

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Приватните специјализанти на Клиниката за детски болести се револтирани, зашто откако денеска се пожалиле дека ќе бојкотираат бидејќи немаат земено плата за декември од клиниката им посочиле дека “кога тие биле специјализанти работеле без пари, дека ќе ја завршеле работата и без нив и дека е неприфатливо нивното однесување”.

Освен платата, не им се исплатени и дежурства од август лани до денес.

Воедно ни се закануваат дека доколку не се појавиме на работа утре (16.02.2023 година) ќе бидат прекинати нашите специјализации и дека ќе биде објавен нов конкурс за специјализанти. Ве информираме и дека денес, претставници на приватните специјализанти остварија средба во пријатна и конструктивна атмосфера со одговорната професорка за специјализантите, која ни го пренесе ставот на Клиниката и катедрата за Педијатрија. За утре е побарано од нас средба со шефот на катедра и Директорката. Воедно Ве известуваме дека сме во постојан конфликт и недоразбирање со вработените во административната служба при УК за Детски болести секогаш кога треба да се исплатат финански средства за нас специјализантите, по било кој основ, чија што игнорантност кон нас е еднаква на терор, велат приватните специјализанти на Детска клиника.

Здружението на лекари специјализанти најостро го осудува ваквото однесување кон приватните специјализанти при ЈЗУ УК за Детски Болести кои се најдефицитарниот тип на специјалисти во нашата земја.

Дали е ова стратегијата да ги задржиме педијатрите во Македонија? Апелираме до сите надлежни институции промптно да ја регулираат исплатата на задоцнетите надоместоци, апелираат оттаму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот