
На местата на исчистените диви депонии, граѓаните повторно фрлаат ѓубре
Градоначалниците на социјалните мрежи честопати апелираат до граѓаните да се грижат за животната средина и да не се расфрла повторно отпад на местата на исчистените депонии
Несоодветното расфрлање секаков вид отпад на јавните површини од несовесни граѓани, оштетување на садовите за отпад, недоволен број садови за рециклирање, спалувањето градинарски отпад, кабли, стар мебел, расфрлање секаков тип градежен шут покрај коритата на реките – ова се само мал дел од причините поради кои со години наназад огромен број јавни површини во Скопскиот Регион се затрупани со купишта ѓубре, а Скопје го прават еден од најзагадените градови.
Препорачано
Иако во изминатите неколку месеци градските и општинските власти интензивно работат на терен и се обидуваат да ги исчистат огромните депонии низ сите населени места, но и оние помалите што се наоѓаат низ населбите, сепак, за жал, дел од населението повторно расфрла отпад на веќе исчистените локации.
Како последица на ваквиот однос кон чистата животна средина на дел од населението, градоначалниците на социјалните мрежи честопати излегуваат со апели до локалното население на веќе исчистените локации да не се расфрла повторно отпад и на тој начин општината да не инвестира одново и одново во одржување на една иста локација, а граѓаните да живеат во чиста и здрава еколошка средина.
Засилени се активностите за расчистување на дивите депонии. За жал, сликите со расфрлен комунален смет се повторуваат на исти локации. Апелираме за поголема одговорност од локалното население и пријавување на сторителите – апелираше градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски на својот фејсбук-профил.
Околу ниската еколошка свест кај дел од населението за фрлање на отпадот на јавните површини низ градот, говорат и последните податоци добиени од Град Скопје дека комуналните редари за само една недела на терен изрекле 19 казни за прекршување на Законот за јавна чистота.
Комуналните редари санкционираат несовесни граѓани за прекршоци како фрлање и оставање отпадоци од градежен материјал, фрлање и оставање хартија, отпушоци, амбалажи и други отпадоци, фрлање стари предмети од домаќинство и смет од вршење дејности, продажба и излагање земјоделски и индустриски производи. Активностите беа спроведени во општините Центар, Карпош и Аеродром, додека дополнителни екипи дејствуваат на Водно и на други локации – информираат од Град Скопје.
Колку за потсетување, според податоците добиени од градските власти, во изминатите неколку месеци на целата територија на градот Скопје се исчистени околу 150 диви депонии на голем број локации. На некогашните локации каде што со децении се расфрлал секаков тип отпад, предвидено е изградба на паркови за да се спречи повторно неправилно одлагање отпад.