На 8 мај парламентарни и втор круг од претседателските избори

 На средбата предложив термини за избори – 24 април и 8 мај. Она што го заклучивме е дека првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот круг од претседателските, заедно со парламентарните избори, ќе се одржат на 8 мај. Пржинска влада ќе има и таа ќе се формира на 28 јануари. Коалицискиот договор со ДУИ за технички премиер ќе се исполни, изјави премиерот Димитар Ковачевски по средбата.

Македонија на 8 мај ќе оди на заеднички парламентарни и на втор круг од претседателските избори. Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, изјави премиерот Димитар Ковачевски, по завршувањето на лидерската средба, за која оцени дека е постигнат широк консензус за измените на Изборниот законик во делот на препораките на ОБСЕ и ОДИХР и за датумот на изборите.

Виза за овој датум не даде Европскиот сојуз за промени, предводен од Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, кои веднаш по почетокот ја напуштија лидерската, бидејќи од средбата излегол претседателот на Собранието Талат Џафери, откако тие побарале на албанскиот опозициски блок да му припадне испразнетото столче во Државната изборна комисија (ДИК).

– Морам да изразам задоволство што по 17 години ќе имаме редовни парламентарни избори. Владата успеала да креира предвидливост и стабилност, а тоа е голем чекор по заробената држава. Во интензивна комуникација со коалициските партнери и со другите партии, посочив дека редовните избори има простор да се одржат кон почетокот на мај. На средбата предложив термини за избори – 24 април и 8 мај. Она што го заклучивме е дека првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот круг од претседателските, заедно со парламентарните избори, ќе се одржат на 8 мај. Пржинска влада ќе има и таа ќе се формира на 28 јануари. Коалицискиот договор со ДУИ за технички премиер ќе се исполни. На вчерашната седница на СДСМ почна иницијатива за формирање на широк Европски фронт и ги повикавме сите партии невладини организации и сите кои го поддржуваат европскиот пат да се приклучат на европскиот фронт. Извршниот одбор донесе одлука да почне и процедурата за избор на кандидат за претседател на државата – рече Ковачевски.

На средбата, премиерот ги информирал лидерите на партиите за скринингот кој се одвива успешно, за планот на раст, разговарале и за завршување на процесот на уставните измени. Според Ковачевски, прифаќањето на уставните измени е единствениот услов да продолжиме напред. Тој напомена дека тие ќе останат обврска и за овој и за некој нареден парламентарен состав.
Ковачевски одби да го коментира напуштањето на лидерскиот состанок од страна на Меџити, Касами и Гаши и повтори дека лидерската поминала во конструктивна атмосфера со широк консензус за препораките на ОБСЕ и за датумот на изборите.

Албанската опозиција ја напушти лидерската

По напуштање на средбата, Меџити рече дека откако го отвориле прашањето за ДИК, Џафери го напуштил состанокот, по што и тие излегле од состанокот, бидејќи немале со кого да ги соочат аргументите.

– Нашите барања се да има предвремени парламентарни избори, и тоа на 14 април и на 28 април, односно на 28 април да бидат вториот круг од претседателските и парламентарните избори за да се запазат роковите и некој да не ги оспори изборите. Техничка влада треба да има, но министрите треба да бидат од албанската опозиција. За членот на ДИК цениме дека Џафери ова го одолговлекува цела година, со цел да не се избере член на Комисијата и ова да биде преттекст за некој да ги оспори изборите – изјави Меџити.

Тој рече дека соодносот на силите во ДИК сега е четири спрема два во корист на власта и дека, според Изборниот законик, соодносот треба да биде четири спрема три.

– ВМРО-ДПМНЕ е присутна со два члена и треба ние како опозиција да имаме член за да се исполнат законските услови. Алијанса нема логика да претендира да ја претставува албанската опозиција во ДИК, бидејќи е власт. Џафери да прекине со ова, оти одолговлекувањето на избор на член на ДИК го цениме како обид за фалсификат на изборите. Бараме да се овозможи дијаспората да гласа преку пошта или електронски – рече Меџити.

Меџити нема информации дали некое од нивните барања е прифатено на лидерската средба, бидејќи веднаш ја напуштиле.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека се донесени три заклучоци.

– За евентуални уставни измени ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека во овој момент услови за тоа нема, за измените на Изборниот законик постигнавме согласност и законот ќе влезе во собраниска процедура, иако не е испочитувано правилото шест месеци пред почеток на изборна кампања да не се менува Законикот, а кампањата почнува на 4 април. Согласни сме изборите да бидат на 8 мај – рече Мицкоски.

Тој изрази загриженост дека уште не е комплетиран составот на ДИК и апелира Џафери изборот на член во Комисијата да го стави на дневен ред во Собранието. Тој рече и дека немало консензус за да се укине техничката влада.
Тој додаде дека побарал лидерска средба во формат што тие ќе го изберат, иако правеле обиди за политички гимнастики.

– Изгубеното време не може да го вратиме, за жал, тоа изгубено време нѐ чини уште некое време на владеење на неспособната и криминална власт. Но за неколку месеци од денес ќе им дојде крајот и ќе има одговорност – вели Мицкоски.

На прашањето дали ќе побара укинување на техничката влада и дали би гласал за уставните измени ако власта ја укине техничката влада, Мицкоски рече дека тој не се шегува кога ја кажува позицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

– Бидејќи вчера политичар на заминување (алудира на министерот за надворешни работи Бујар Османи – н.з.) имаше интервју на национален медиум и кажа дека е сигурен и дека тврди дека ќе има уставни измени, дали сега или за шест месеци, еве јас ќе ви кажам дека уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат, додека не видиме јасно поместување на хегемонистичките и асимилаторски политики на нашиот источен сосед кон македонската заедница во Бугарија – вели Мицкоски.

Алијанса не се откажува од место во ДИК

Претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари пред почетокот на средбата изјави дека очекува партиите со широк консензус да договорат датум за претседателските и за парламентарните избори.

– Партиите од Владата се синхронизирани и бараме широк консензус за изборите кои би се одржале кон крајот на април или во почетокот на мај. За укинување на техничката влада требаше да се разговара пред една или две години – изјави Таравари и додаде дека досега не разговарале со владините партнери на изборите да настапат на заедничка листа.

Според Таравари, за член на ДИК одлучува народот на избори.

– Алијанса за Албанците имаше осум пратеници и член во ДИК. Изет Меџити тогаш беше дел од ДУИ и ДУИ има член на ДИК, а Билал Касами беше со СДСМ на листа и СДСМ има член во ДИК. Африм Гаши беше со нас во коалиција и нашиот претставник е претставник на Алтернатива во Комисијата. Не знам дали ќе се отвори ова прашање, но ова е нашиот став – изјави лидерот на АА.

Тој повтори дека Алијанса засега останува во Владата.

– Нема да дозволиме дестабилизација на Владата додека има шанси за уставните промени – рече Таравари.
Без големи очекувања од лидерската е и претседателот на Движењето на народот, Скендер Реџепи-Зејд, бидејќи на маса се дијаметрално спротивни ставови околу изборите.

Зејд рече дека ќе го поддржи барањето на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката Влада, под услов, како што потенцира, сите присутни на лидерската да одлучат за уставните измени.

– Меѓутоа, евентуалното барање на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката Влада би го поддржал, бездруго, под услов првенствено сите да одлучиме за уставни промени, со тоа што ќе одиме на нови избори. Со уставни промени за една европска Македонија – рече тој.

И тој беше уверен дека ќе има согласност изборите да се одржат во мај.

– Меѓутоа, она што за мене е најбитно е да успееме да вметнеме евроинтеграциски договор и евентуална одлука за уставни промени, за што не верувам дека има спремност бидејќи изборите на одредени партии им се побитни отколку иднината на граѓаните – рече Скендер Реџепи-Зејд.

 

Џафери технички премиер, Митрески – спикер?

Како што веќе објавивме, можен е договор помеѓу СДСМ и ДУИ за ротација на премиерската со функцијата претседател на Собранието за да нема голема концентрација на влијателни државнички функции од ДУИ. Ако има договор можно е Џафери да биде првиот технички премиер Албанец, а претседател на Собранието да биде координаторот на СДСМ, Јован Митрески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот