
МЗТ Скопје победнички го заврши АБА2 турнирот во Златибор
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со нов триумф го завршија настапот на турнирот од АБА2 лигата во Златибор, откако во денешниот натпревар го совладаа Борац Бања Лука (67:61) за трета победа во петтиот меч сезонава во регионалното натпреварување.
Препорачано
Актуелните македонски шампиони ја имаа контролата врз играта и резултатот во сите 40 минути, а клучната предност ја обезбедија во третиот период, кој го добија со 30:17.
Клучна за триумфот беше неверојатната серија 16:0 со која МЗТ дојде до највисоките на мечот плус 19 (47:28) против ривалот од Босна и Херцеговина.
Борац Бања Лука со 10 поени во низа во последниот период намали на само „минус четири“ (61:65), но потоа „сино-белите“ во еден напад направија три офанзивни скока со што го намалија времето на противниците за евентуален резултатски пресврт. Точка на мечот стави Војдан Стојановски со две прецизно изведени слободни фрлања, од каде што „металците“ претходно промашија дури осум пати.
В. Стојановски одново беше најпрецизен кај МЗТ со 15 поени и пет асистенции, додека веднаш зад него беа Душан Танасковиќ со 14 поени и пет скокови, Дамјан Стојановски со 11 поени и седум скокови и Ејасу Ворку со по 10 поени и 10 скокови.
Составот предводен од Васко Атанасов сега има учинок 3-2 во пресрет на третиот турнир следниот месец во Шибеник, каде што ќе ги одмери силите со Подгорица, односно Спартак Суботица.