
МВР: Приведен осомничен за палењето на автомобилот на пратеникот Ристески
Ноќеска во Прилеп беше опожарен автомобилот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески во Прилеп, при што огнот го зафатил и автомобило тна неговиот татко, соопшти МВР.
Препорачано
-На 20.07.2022 во полициска станица во СВР Битола-ОВР Прилеп е приведено едно лице, кое е осомничено во врска со пријавата во 01.45 часот дека на ул.„Цар Самоил” во Прилеп настанал пожар во патничко возило „шкода кодиак”, со прилепски регистарски ознаки, сопственост на П.Р.(45) од Прилеп, од кој било зафатено и патничко моторно возило „пежо 206″ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на неговиот татко Б.Р, соопшти МВР.
Според соопштението на полицијата пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп, а повредени лица нема.
Увид извршила увидната екипа на ОВР Прилеп и во координација со Јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Јавното обвинителство од Прилеп информираше дека извршило увид на лице место на локацијата каде во текот на ноќта беше опожарен автомобил во сопственост на пратеник во Собранието на Република Северна Македонија.
-По наредба на јавниот обвинител беа подигнати траги од лице место кои ќе се вештачат со цел да се утврдат причините за инцидентот, соопштија од таму и додаваат дека јавниот обвинител издал и наредби за обезбедување на евентуални снимки од видео надзорот на околните објекти во критичниот момент на опожарување на возилото.
За случајот првично информираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки кој случајот го нарече „кукавички чин зад кој стојат платеници инспирирани од предавничкото раководство на СДСМ“.
Владејачката СДСМ го осуди палењето на автомобилот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески и го повика МВР да го расчистат случајот.
„Очигледно е дека се работи за некоја спрега на криминал и политика и очигледно е дека јас како пратеник во Собранието на Република Македонија, моите ставови, моите активности му пречат. Нема никој ниту да ме поколеба, ниту да ме уплаши во она што сум го зацртал, во моментот гледате се зборува за отворање на Уставот, кажав јасно и гласно и тогаш и по цена на мојот живот нема да го сменувам мојот став, сега уште помалку“, истакна Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска побара веднаш отворање на истрага и брза реакција за пронаоѓање на виновниците бидејќи токму МВР, Спасовски и СДСМ многу добро ги знаат извршителите на овој кукавички чин.
-Овој гнасен и кукавички чин претставува директен напад и обид за заплашување како на пратениците, така и на граѓаните, рече Стојаноска.
Таа потсети и на случаите со опожареното возило на еден опозициски пратеник од Струга, како и опожарениот семеен дуќан на уште еден опозициски пратеник од Скопје, при што нагласи дека во државава „народот живее во страв за својата безбедност, ама затоа криминалците на СДСМ живеат без гајле“.
Оштетениот пратеник Ристески рече дека ваквиот чин нема да го поколеба ниту да го исплаши.
-Очигледно е дека се работи за некоја спрега на криминал и политика и очигледно е дека јас како пратеник во Собранието на Република Македонија, моите ставови, моите активности му пречат. Нема никој ниту да ме поколеба, ниту да ме уплаши во она што сум го зацртал, во моментот гледате се зборува за отворање на Уставот, кажав јасно и гласно и тогаш и по цена на мојот живот нема да го сменувам мојот став, сега уште помалку, истакна Петар Ристески, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.