Еди Рама, премиер на Албанија/Фото: Скриншот

Музички жанр во Албанија на удар: Еди Рама ја забрани музиката „талава“ на плажите

Албанскиот премиер Еди Рама повторно ја разбранува јавноста со остри критики кон домашните и регионалните туристи – особено од Албанија, Косово и Македонија. Според него, токму тие оставаат најмногу отпад и хаос на плажите на албанската ривиера.

„Не се туристите што зборуваат англиски, шпански или италијански тие што ни ги оставаат плажите во хаос. Туку нашите – тие што се декларираат како најголеми патриоти, а зад себе оставаат најмногу отпад“, рече Рама неделава, додавајќи дека новите мерки се со цел подигнување на туристичката култура и заштита на животната средина.

Меѓу најавените мерки е и можноста за ограничување на музиката „талава“ во плажните клубови и барови.

Што е „талава“?

Овој жанр се појавил во 80-тите години меѓу ромската и ашкалиската заедница во Косово и Македонија, а подоцна се проширил низ Балканот и особено меѓу Албанците. Талавата денес е многу популарна за свадби и прослави, но и често сметана за „евтина“ или „безвредна“ музика, своевидна албанска верзија на турбофолкот.

Потегот на Рама наиде на критики кај дел од етномузиколозите, кои предупредуваат дека ваквиот однос кон жанрот има корени во расистички и класни стереотипи, насочени кон заедниците кои ја негуваат оваа традиција. Познатиот косовски музичар Бајрам Кафу Киноли вели дека „Талава е музиката на оние што немаат глас, но имаат ритам и приказна“.

Иако дел од јавноста ги поддржува ставовите на премиерот, други сметаат дека ваквите изјави се дискриминаторски и создаваат опасна врска меѓу националноста, некултурата и музичкиот вкус.

Музикологот Микаела Минга нагласува дека талавата е дел од богатото балканско културно наследство и не треба да биде исклучувана од јавниот простор само поради своето потекло.

Рама вели дека „туристите кои зборуваат албански и сакаат да војуваат со Србија” се „најголеми загадувачи на плажите“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот