
Му пукнало жолчното ќесе поради „предозирање“ со популарниот зачин
Активниот дел од популарниот зачин куркума, познат како куркумин, се покажал опасен за 69-годишен маж, кој поради прекумерното консумирање, завршил во болница со пукнато жолчно ќесе.
Препорачано
Противвоспалителниот куркумин е поврзан со различни здравствени придобивки, од контролирање на дијабетес до лекување на артритис. Овие моќни ефекти го претворија куркуминот во популарен додаток кој денес го консумираат голем број луѓе, пишува „Експрес“.
И покрај неговата популарност, со куркуминот не треба да се претерува, па експертите предупредуваат дека треба да се зема со претпазливост.
Во прилог на тоа оди и споменатиот случај кој детално е опишан во „Американски весник за извештаи за медицински случаи“.
Како што пишува во извештајот, 69-годишен маж дошол во Брза помош во Њујорк по три дена многу силни болки во стомакот и во градите, придружени со висока телесна температура и потење. Болката што ја опишал се ширела се до горниот дел од неговиот грб.
Додека лекарите му ги прегледувале белите дробови и кардиоваскуларниот систем, не можеле да го пронајдат виновникот за тие проблеми. Но, скенирањето на градниот кош покажало дека му пукнало жолчното ќесе и дека има камења во жолчката.
Додека најчести причини за пукање на жолчното ќесе се камењата во жолчката и холециститисот, истражувачите сметаат дека додатоците на куркумин во случајот на овој пациент, исто така, имале голема улога.
Пациентот земал дневна доза од 1.500 до 2.000 милиграми куркумин во период од четири месеци. Како што објасниле лекарите, популарниот додаток не се препорачува за луѓе со жолчни камења бидејќи куркумата може да ја зголеми способноста на жолчното ќесе да ја исфрли жолчката во жолчните канали.
Меѓутоа, исто така, се покажало дека жолтиот зачин го намалува ризикот од жолчни камења кај оние кои претходно ги немале.