Пентагон ги охрабрува граѓаните да го пријават секој случај на НЛО - Фотографија Profimedia

Можеби не се „мали и зелени“, но јатото летечки објекти се реална закана за Америка

Додека многумина забележуваа дека Вашингтон „непотребно го надувал“ инцидентот со огромниот кинески балон, на небото над Америка во изминатите неколку дена беа забележани, а потоа и соборени, цело јато чудни летала, во различна форма и на различна височина

Америка не се чувствува загрозена, но е многу вознемирена од чудните објекти што речиси секојдневно се појавуваат на нејзиното небо и отворија работа за пилотите од военото воздухопловство.

Во неделата ловци го соборија и четвртото неидентификувано летало од многуте што во текот на овој месец ненајавено упаднаа во воздушниот простор на САД. Низата ја отвори огромниот балон висок 60 метри во стратосферата, за кој Вашингтон тврдеше дека е шпионско летало испратено од Кина, а Пекинг прво негираше поврзаност, а потоа истакна дека е метеоролошка сонда за цивилни активности. Балонот се појави на пацифичкиот брег на САД и Канада и не беше соборен дури и кога прелетуваше над воени бази, откако експертите во Пентагон утврдиле дека леталото не загрозува никого и дека е пополезно да го истражуваат отколку да го урнат. Балонот беше соборен дури откако стигна до Атлантикот, но до вчера не беа откриени остатоците за да се анализира каква била опремата што ја надлетало Америка од стратосферата.

И додека многумина забележуваа дека Вашингтон „непотребно го надувал“ инцидентот со балонот, на небото над Америка во изминатите неколку дена беа забележани, а потоа и соборени, цело јато чудни летала, во различна форма и на различна височина. Во петокот американски ловец „ф-22“ собори летало над Алјаска, во саботата американски и канадски ловци пресретнаа летечки цилиндер над северните територии на Канада, а во неделата американски авион собори објект со осмоаголна основа што бил забележан над Големите езера.

Додека не бидат лоцирани, пронајдени и анализирани остатоците од овие летала, инцидентите не може да се поврзат ниту може да се објасни зошто ги има толку многу во толку краток временски период. Главната претпоставка е дека леталата не носеле оружје и биле пуштени на небото на САД заради шпионски и извидувачки активности.

Остатоците од кинескиот балон ќе дадат важни одговори за јатото неидентификувани објекти – Фотографија ЕПА, Централна команда на САД

Не се отфрла ни можноста дека вакви објекти над Америка летале и досега, а сега само полесно се забележуваат. Наездата се поклопува со значителниот пораст на пријавени „неидентификувани воздушни феномени“, веќе популаризирани како „неидентификувани летечки објекти“.

Бранот пријави на НЛО на небото во Америка почна по Втората светска војна, кога беа развивани нови летала за Военото воздухопловство и за новоформираната вселенска агенција НАСА. Овие случаи поттикнаа нов правец во научната фантастика, луѓето што ги пријавуваа беа стигматизирани, а се создаде и нова наука – уфологија. Иако овие случаи не продреа подлабоко од насловните страници на таблоидите, Военото воздухопловство и Воената морнарица водеа прецизни евиденции на појавите за кои пилотите немаат објаснување и од време на време беа отворани архивите.

Впечатлив, а воедно вознемирувачки е фактот што бројот на пријавени случаи на НЛО нагло е зголемен. Во периодот од март 2021 до август 2022 година на небото над САД биле забележени 247 неидентификувани летечки објекти, што е речиси двојно повеќе отколку во претходните 17 години заедно (144). Едно од објаснувањата за зачестеноста е фактот дека отворањето на архивите поттикнало пилоти и обични луѓе да ги пријавуваат случаите без стравување дека може да бидат издвоени како „ненормални“.

Напротив, Пентагон ги охрабрува воените лица и граѓаните да пријавуваат сѐ што им се чини необично на небото. Заради уште повнимателен однос кон феномените и одгатнување на мистериите, Пентагон во јули отвори ново одделение задолжено да ги собира сите пријави, да ги издвојува случаите што ги смета за кредибилни и да ги анализира. Притоа било утврдено дека од повеќе од 500 пријавени феномени, за 163 било утврдено дека се „балони или објекти слични на балони“, а 26 биле „беспилотни летечки системи“. Издвоени се и случаи што се сметаат за „последица на нерегуларни сензори или дефекти во опремата“.

Но, нема одговор за најмалку 171 случај, издвоени по „кредибилни пријави“. За некои од овие сѐ уште неидентидфикувани објекти е наведено дека „демонстрирале необични летечки карактеристики и капацитет на однесување“.

Во извештајот на новата канцеларија на Пентагон се истакнува дека „НЛО продолжуваат да се појавуваат во ограничениот или чувствителниот воздушен простор, во кој би можеле да предизвикаат загрозување на безбедноста на летовите“, како и дека „има индикации дека се резултат на непријателска активност“, особено кога објектите се концентрирани околу воени бази или други чувствителни инсталации на површината.

– Во случаите кога не можеме да ја одгатнеме природата и намената на објектите, претпоставуваме дека тие се непријателски и тоа мораме да го прифатиме сериозно – предупреди во декември Роналд Мултри, потсекретар во Пентагон задолжен за безбедност и разузнавање.

Четвртото НЛО, соборено во регионот на езерото Хјурон, било забележано на височина од 20.000 стапки и претставувало потенцијална опасност за комерцијалните авиони. Наредбата за соборување ја дал директно претседателот Џо Бајден.

Генералот Глен Ванхерк, шеф на Северната команда на воените сили на САД, изјави дека немало индикации дека мистериозниот објект претставувал закана. Тој додаде дека објектот имал осумаголна форма, бил соборен од авион „ф-16“ во 14.42 часот во неделата, но не кажа други детали, туку само претпоставки: „можеби бил полн со гас, како балон“ и „имал некој тип пропулзивен систем“. Ванхерк не можеше да даде објаснување ни за другите инциденти.

– Нема да ги опишам како балони. Не случајно ги нарекуваме „објекти“. Она што го гледаме се мали, многу мали, објекти што едвај и да се исцртуваат на радарите – изјави генералот.

Тој предупреди дека и во следните неколку дена би можело да има уште инциденти од ваков карактер. На прашањето дали објектите можеби се од вонземјанско потекло, тој внимателно одговори: „Ништо не отфрлам. Ќе им оставам на разузнавачката заедница и на контраразузнавањето да откријат“.

Одговори очекуваат и конгресмените, кои се жалат дека не се навремено и не се исцрпно известени за инцидентите.

– Потребни ни се факти за потеклото на објектите, каква е нивната цел и зошто се зголемува фреквенцијата – изјави Деби Дингел, демократка од Мичиген во Конгресот.

Сѐ може да биде НЛО

Шон Киркпатрик, директор на новоформираното одделение на Петагон, вели дека секое НЛО првично се смета за објект што ја загрозува националната безбедност на САД. Тој објаснува дека со новата дефиниција на неидентификуваните објекти се опфаќаат и случаите на копното, на море или во вселената, а не само на небото, иако таму се најчести.

И објектите што во изминатата недела беа соборени ќе останат во категоријата „неидентификувани“ сѐ додека не бидат пронајдени остатоците и не бидат утврдени природата и намената.

Американски експерти НЛО/ Фото EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Кина ќе соборува американски балони

Додека Пентагон ја обвини Кина дека балонот што го испратила над Америка бил за шпионирање, и Пекинг вчера возврати со обвинувања дека САД нелегално имаат десетина свои балони високо над Кина.

Министерството за надворешни работи не ги поткрепи тврдењата со факти, но претставничката Ванг Венбин изјави дека кинеските сили се подготвуваат да ги соборат американските балони.

– Само од минатата година повеќе од десет пати американски балони на голема височина нелегално ја надлетаа Кина, без дозвола од надлежните кинески власти – изјави Ванг.

Таа ги обвини САД и за „фреквентно испраќање бродови и авиони во блиско извидување на кинеска територија“ – вкупно 657 случаи лани и 64 во јануари во регионот на Јужно Кинеско Море.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот