МОНОГРАФСКО ДЕЛО: Нови теориски сознанија за моќта на цртежот

Докторската теза „Историско-уметнички преглед на темата цртеж низ стиловите, низ епохите, како основа на уметничко дело“ на Марија Павловска под менторство на проф. д-р Кокан Грчев е преточена во монографско дело со наслов „Првиот принцип – Цртежот“, објавено од „Магор“ со поддршка на Министерството за култура.

Целта на докторската дисертација на Марија Павловска била да изработи истражувачка анализа и детален преглед на Цртежот, неговиот развој низ стилови и историски периоди, неговата важност и примарен квалитет како основа на сите уметнички дела. Претпоставките биле дека трудот ќе даде придонес и во неколку други аспекти. Како прво, трудот го дополнува општото видување за оваа ликовна дисциплина, но дава и реални параметри за понатамошно проучување на цртежот. Исто така, делото внесува свежина во теоретските и естетските истражувања на визуелната уметност како во ликовниот, така и во поширокиот комуникативен контекст.

– Цртежот има креативна, експресивна и едукативна вредност, тој останува фундаментален за преведување и анализирање на светот, потенцира авторката Павловска, која десет години работела на темата, и додава – цртежот останува централна и клучна активност на работата на многу уметници и дизајнери како основа и алатка за креативно истражување. Цртежот основно овозможува визуализација и развој на перцепциите и идеите. Со историја подолга и интензивна како историјата на нашата култура, чинот на цртање, цртежот останува основно средство за преведување, документирање, снимање и анализирање на световите во кои живееме. Улогата на цртањето во образованието останува критична и фундаментална, и не само на креативните дисциплини во уметноста и дизајнот, за кои е основно.

– Предметот на истражувањето на овој труд на д-р Марија Павловска е проблематиката, содржината и важноста на ликовно-визуелниот линеарен запис: цртежот, третиран и разбран како примарен визуелен запис и документ кој следствено влијае врз развитокот на сите други визуелни дисциплини: сликарство, вајарство, архитектура. Притоа, историскиот развој на феноменот на цртежот е поставен во контекст на соодветно истражување на ликовно визуелниот запис. Ова истражување особено го подвлекува значењето на цртежот како примарна структура на секое уметничко дело, давајќи му на самиот цртеж значење и функција да опстојува и да биде препознаен како автономен документ, автономна визуелна форма. Фокусирајќи се на цртежот и обидувајќи се да го постави во улога на суштина на визуелните дисциплини, истражувањето доведува кон соодветно ниво на разбирање на структурата, дефинираноста, важноста, примарноста, стабилноста, моќта на цртежот и неговиот развој, како основни елементи на темата на истражувањето, посочува менторот Кокан Грчев.

Истражувањето покажало на теоретско ниво дека уште повеќе цртежот е јазик, уникатна ликовна форма, тој е наука, метод на експресија, начин да се пренесе мислата каде резултатот претставува документ. Цртежот е начин идејата да допре до секого без употреба на вербално или писмено објаснување. Цртежот е начин да се кристализира мислата, да се добие форма, да се истражи вкусот, експресијата и емоцијата на вистината и на убавината.

Промоцијата на монографското дело „Првиот принцип – Цртежот“ на Марија Павловска се одржа во галеријата „Остен“, промотор беше професорот Антони Мазневски, а беше проследена со изложба на цртежи од Марија Павловска во рамки на Остен – Биенале на цртеж 2020.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 19, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 февруари 2020 година)

Видео на денот