Насловна корица на книгата „Врне ли, врне“ од Ристо Лазаров

Моќна и поројна поезија содржи книгата „Врне ли, врне“ на Ристо Лазаров во издание на „Матица македонска“

Неодамна, книгоиздателството „Матица македонска“ ја објави новата поетска книга на истакнатиот македонски поет Ристо Лазаров со наслов „Врне ли, врне“.

Иако зборовите и песните „врнат“ изобилно во стихозбирката „Врне ли, врне“, Ристо Лазаров ја продолжува потрагата по „зборот што го чека“, зашто добро знае дека поезијата е моќна и поројна, но и насушно потребна – како и дождовите, како што истакнува универзитетската професорка и книжевна критичарка, Лидија Капушевска-Дракулевска, во поговорот.

– Стилската разиграност на поетскиот дискурс на Лазаров, во интеракција со шареноликиот тематски потход, одат во прилог на космополитизмот на збирката „Врне ли, врне“. На тематски план, оваа лирика перманентно осцилира меѓу: личното (индивидуалното) и општото (универзалното), лирското (емоционално) и интелектуалното (мисловното), апстрактното и конкретното, рационалното и ирационалното…

Сеедно дали поетот емотивно пее за „босоногиот“ кој во „киоск купува кифла и троа надеж“ – како во истоимената песна, или, за малото Циганче кое буричка во контејнерот и кое верува дека ќе успее „да ја измери / празнината на светот“ – како во песната „Утро“; сеедно дали автобиографски топло се сеќава на мајка си – како во песната „Тажаленка“, или, загрижувачки проговорува во име на вселената која сака да се запрат катадневните умирања, заканите со нова Хирошима и гладувањето на милиони во светот – како во песната „На прв поглед“, нашиот поет пее во името на сите, зашто сите имаме „наврнати души“.

Оттаму, поетскиот немир не е никогаш само и единствено личен, колку и да тргнува од индивидуалното искуство, а поетскиот глас е глас на целото човештво – нагласува Капушевска-Дракулевска осврнувајќи се на најновото дело на Лазаров.

Ристо Лазаров (1949) е автор на 28 книги поезија и на неколку избори од неговото творештво. Објавил и „Избрани дела“ во четири тома. Автор е и на повеќе книги огледи и публицистички трудови.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 300, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.9.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот