Маја Мојсова/фото „Слободен печат“ Слободан Ѓуриќ

МОЕ ЛЕТО | Сè уште сум ѝ „лута“ на проф. Чепишевска за летото кога го скршив забот, вели Мојсова-Мијовска

Во последната епизода на емисијата „Мое лето“ наша гостинка е д-р Маја Мојсова- Мијовска, актуелна кандидатка за градоначалничка на Општина Карпош, поранешен национален координатор за трансплантација. Можеби не знаете, но таа е тетка на девојчето што ја пее песната „Зелката има кошули триста“, слатката Сара од „Дајте музика“.

Мојсова-Мијовска се присетува за летата како дете поминати како извидник, за тоа како уште на седум години била на одмор со извидниците без родителите. Ни раскажа и за тоа како нејзиниот татко, една од македонските фудбалски легенди Сократ Мојсов, ја учел аскетски на основните работи во животот.

– Татко ми нè научи и мене и мојата сестра да пливаме, и тоа знаете каде?! На Матка! Не можете ни да претпоставите како е да се плива во таа студена вода. Со него сè беше така, аскетски. И тој и мајка ми не ни се тресеа многу како денешните родители што им се тресат на децата, нè оставаа да се снаоѓаме сами – вели таа.

За неа летото во Скопје од минатото буди посебни емоции. Кучкар Маало е местото каде што израснала, во центарот на Скопје.

– Се сеќавам таму имаше многу зеленило и една фонтана, за жал, сега не изгледа така. Ние како деца многу се дружевме таму во маало, впрочем голем дел од летните спомени ми се врзани за тоа место. Се сеќавам на една случка, бев тинејџерка. Со другарите се бркавме околу фонтаната, јас се лизнав и паднав, тогаш го скршив забот, напред. Паметам како сите деца го бараа делчето од забот со цел да го однесам на стоматолог за да ми го залепи. Тогаш мислевме може така. Многу плачев, а најтешкото доаѓа кога се вратив дома и кога ме виде мојата сестра. Со книгата во рацете ме погледна и иронично ми рече: „Ама си грда“. Ден-денес се смееме за тој момент, кој никогаш нема да ѝ го заборавам – вели нашата соговорничка.

Емисијата „Мое лето“ ќе можете да ја гледате премиерно вечерва со почеток во 19 часот, на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водителка и авторка на емисијата е Александра Вуксановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот