
МОЕ ЛЕТО | Д-р Мехмедовиќ: Одморот во Златни Песоци со моите сестри близначки и родителите има посебно значење
Сум немал летни љубовни авантури, по запознавањето со мојата сопруга сите поранешни девојки се заборавени – вели д-р Мехмедовиќ
Многу сакам да пливам, кога сум на одмор, дневно поминувам минимум половина час во морето, вели за „Мое лето“ на „Слободен печат“, д-р Злате Мехемдовиќ, актуелен директор на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација.
Препорачано
Тој во нашата емисија открива дека како прв одмор го памти одморот во Преспа, на околу шестгодишна возраст, поминат заедно со неговите баба и дедо, раскажува дека како дете ги памети скопските лета поминати во Чаир, каде што живееле неговите баба и дедо.
-Мене практично ме пораснаа моите баба и дедо, голем дел од времето го поминував кај нив во Чаир. Паметам за време на летото со децата од маалото по цели денови игравме околу двете фонтани во паркчето во населбата. Од вирчињата полневме вода во шишиња и игравме водени лудории – вели д-р Мехмедовиќ.
Како еден од најубавите одмори го издвојува одморот во Златни Песоци поминат со неговите родители и двете сестри близначки.
-Ретко кој знае дека јас имам две сестри близначки. Интересно е тоа што тие двете не личат меѓу себе, а едната личи многу на мене. Како еден од најубавите одмори би го издвоил одморот кога бевме деца и отпатувавме целото семејство со семејниот автомобил „101“ за Бугарија во Златните Песоци. Јас и татко ми, можеби како мажи, имавме посебна врска, па на тој одмор на еден ден со автобус отидовме до Бургас. За мене тој ден буди посебни спомени – раскажува тој.
Докторот открива дека на 18 години за првпат го пуштиле да оди на одмор со другарите.
-И сега од оваа дистанца погледнато, си велам, сум морал да чекам полнолетство за да ме пуштат сам на одмор, а денес мојата средна ќерка, која има шест години, ја пуштивме на камп. Но, такви беа тие времиња. И се сеќавам на тој одмор одевме со другарите, големо друштво, за Игало, Црна Гора. Автобусите тргнуваа од улицата што води накај „Веро Џамбо“. Кога стигнав јас, со еден џиновски куфер, се сеќавам, еден другар искоментира: „На Злате му го спакувале и телевизорот“. И со право му беше коментарот, бидејќи мајка ми толку многу се грижеше што да носам на одмор, така што имав 30 пара долна облека, 15 пара купаќи – вели д-р Мехмедовиќ.

Ком. за заразни болести / Фото – Слободен печат – Методи Здравев
Во емисијата ја открива најдалечната дестинација што ја посетил, како и тоа дали ова предизборно лето ќе му понуди можност да оди на одмор. Раскажува за тоа колку му се промениле одморите откако влегол во политиката и дали како директор на здравствена институција морал некогаш да се врати и да си го прекине одморот.
Во однос на летните љубовни авантури, д-р Мехмедовиќ е категоричен во изјавата.
-Сум немал летни љубовни авантури, по запознавањето на мојата сопруга сите поранешни девојки се заборавени. За мир во куќа, би рекол, мене најубавите одмори ми се поминати со мојата сопруга – вели тој.
Како татко на три деца, одморите сè уште ги поминува со кофички и лопатки на плажа. Дали прави замоци од песок? Дознајте во втората епизода на „Мое лето“. Емисијата можете да ја погледнете на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Автор и водител е Александра Вуксановиќ.