
МНР: Европскиот парламент ја коригираше грешката по употреба на терминот „северномакедонска влада“
Дел од македонските медиуми вчера информираа дека на официјалната веб-страница на Европскиот парламент е објавен документ во кој пишува дека „северномакедонската“ влада предводена од премиерот Талат Џафери продолжува да ги продлабочува односите со Европската Унија. Од Министерството за надворешни работи денеска соопштија дека реагирале до Европскиот парламент, а грешката била коригирана.
Препорачано
-Министерството за надворешни работи континуирано укажува на точната употреба на уставното име на државата и државјанството на граѓаните на Северна Македонија. Како што сме реагирале соодветно до сите меѓународни медиуми, ентитети итн., кои погрешно употребиле кој било од наведените термини, така реагиравме и до Европскиот парламент за конкретниот случај, барајќи коректна употреба на овие термини, согласно Уставот и личната карта на земјата во Обединетите Нации. Дополнително, би сакале да потврдиме дека по нашата реакција грешката беше веднаш коригирана“, се вели во соопштението од МНР.
Во документот пишува и дека како дел од Договорот од Преспа од јуни 2018 година, земјата го промени своето име во Република Северна Македонија, во замена Грција да го прекине ветото за нејзиниот пристап во ЕУ и НАТО. Според Преспанскиот договор јавните институции и државните органи ќе се нарекуваат согласно новото уставно име.