Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Многу работници земаат една плата, а работат за двајца или тројца, велат од синдикатот

„Во голем број компании еден работник работи за двајца, а зема иста плата“, велат денеска од Синдикатот за градежништво.

„Продуктивноста во државата не зависи само од работниците. Во многу компании во државата, за ниската продуктивност се виновни сопствениците и структурата на стопанството. Според економските експерти, факторите што играат голема улога за тоа колкаво е нивото на продуктивност на компаниите се структурата на компаниите, вложувањата во нови технологии, дигитализација, автоматизација… Во многу компании во кои процесите се автоматизирани, реално е намален бројот на работници, но има и компании каде обемот на работа е ист, а бројот на работници е драстично намален, односно, еден работник работи за двајца, а зема иста плата“, пишува во објавата од Синдикатот за градежништво – СГИП, кој е дел од Сојузот на синдикати (ССМ).

Од ССМ за „Вечер“ велат дека до нив пристигнуваат многу поплаки за оптовареност и пренатрупаност со работа, како во приватниот, така и во јавниот сектор.

„Кога ќе замине работник во пензија, многу ретко на истото место се прима некој друг и најчесто работата ја врши некој од другите колеги. Слична е ситуацијата кога работникот оди на боледување, на неплатен одмор на подолго време… Поради тоа, не може да се каже дека работниците не се продуктивни, кога еден работник покрива две до три работни позиции за иста плата. Работниците речиси никогаш не добиваат зголемување на платата поради зголемениот обем на работа. Во многу компании има намален број работници, а работата е иста за оние што остануваат“, вели Иван Пешевски од ССМ.

Тоа, како што додава тој, се гледа по зголемените профити на компаниите. Во некои компании профитите се двојно зголемени, а бројот на работници е преполовен. И тој се согласува дека во многу компании процесите се автоматизирани и работата и потребата од работна сила е реално намалена, велат од Синдикатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот