Многу хотели веќе не ги исполнуваат законските услови за работа

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Сега имаме нов момент. Ги губиме туристите што доаѓаа од Полска, Украина и Русија, но има неизвесност и во однос на другите гости, како што се од Холандија, Белгија…

Според податоците достапни во Министерството за економија, издадените решенија за категоризација на угостителски објекти за ноќевање во 2020/2021 година се намалиле за околу 40 отсто, што значи дека за исто толку се намалил бројот на хотели што ги исполнуваат законските обврски за работа во однос на периодот 2017/2018. Тогаш имало 147 категоризирани хотели, додека минатата сезона биле  97 објекти. Од друга страна, пак, во адресарот има околу 1.400 хотели во земјава.

Неповолни податоци има и во однос на лиценците за туристичките агенции. Според податоците од Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во 2018 година се осигурaле 175 туристички агенции со А-лиценца, а во 2021-ва 132 агенции туристички агенции. Ова значи дека 43 туристички агенции со А-лиценца престанале да ги исполнуваат условите за дејноста.

Со вакви податоци ќе ја пречекаме новата туристичка сезона. Од друга страна, и оваа година не само што не заврши пандемијата туку и има и воен конфликт меѓу Русија и Украина.

– Сега имаме нов момент. Ги губиме туристите што доаѓаа од Полска, Украина и од Русија, но има неизвесност и во однос на другите гости, како што се од Холандија, Белгија… Со оглед на здравствената и политичката состојба, не се склучуваат гарантирани аранжмани, туку негарантирани, што значи гостинот ако дојде, дојде – велат од Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора.

Тие се песимисти во однос на новата сезона и поради тоа што, како што велат, државата нема опсежно истражување за туризмот, кое би требало да ни овозможи развој на оваа гранка.

– Бројките покажуваат дека 2021 година ја поминавме најлошо во однос на другите земји во регионот. Ние имавме 60 проценти пад на гости од странство  во однос на 2019 година. Србија имаше пад од 40 проценти, Хрватска и Црна Гора имаа раст на гости. И сметаме дека не држи оправдувањето дека тие имаат море. Во прашање е и ангажманот на институциите. Сега, тие и не можат нешто да направат за сезоната 2022 година. Тоа се правеше многу порано. Ние сме загрижени за сезоната за 2023 година – велат од Здружението.

Оттаму сметаат дека и бројките за категоризација на хотели и лиценци за туристички агенции се одраз на недоволно мерки што сме ги имале како држава.

– Дел од агенциите и од хотелите се самоиницијативно затворени, затоа и ја немаат потребната документација – објаснуваат оттаму.

Здружението до Агенцијата за промоција на туризмот испратиле листа со прашања на кои преку истражувања треба да се одговори. Меѓу прашањата за кои сè уште нема истражувања и одговор се: каква е разликата меѓу потрошувачката на домашниот и странскиот гост,  какви туристи најмногу нè посетуваат – дали се тоа млади, или семејства, каков е профилот на гостите од далечина, дали треба да има субвенционирање за одредени дестинации…

Туризмот во секоја земја може да биде значителен извор на пари. На глобално ниво, истражувањата покажуваат дека таму се вртат повеќе пари отколку во нафтената индустрија, потенцираат туристичките експерти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот