
ММА: Даниела Алексовска пред својот прв „профи“ предизвик најави интересен дуел со Ева Круз
Нашата европска првенка во ММА утревечер треба да го има првиот полупрофесионален дуел во кариерата, што значи искачување ниво погоре. Противничка на Алексовска и е Ирката Ева Круз, дуелот ќе биде во рамките на настанот АРМАДА 13 во Бачка Паланка, Србија
Европската шампионка во комбинирани боречки вештини (ММА) во аматерска конкуренција, Даниела Алексовска, утре ќе е пред голем предизвик што ќе значи и качување ниво погоре во нејзиниот спорт. Таа треба да ја има својата прва полупрофесионална борба во „кафезот“, а противничка и е натпреварувачката од Ирска, Ева Круз.
Препорачано
Нашата европска шампионка Алексовска својата прва полупрофесионална борба ќе ја има на настанот АРМАДА 13 во Бачка Паланка, Србија. Мечот ќе биде пренесуван на ТВ-каналот „Арена фајт“ (21 ч).
Со овој меч Даниела ќе биде првата Македонка која стигнала до такво ниво во ММА спортот во женската конкуренција. Талентираната тинејџерка (19) ќе се соочи со поискусна и повозрасна противничка (24). Овој дуел ќе биде еден до седумте борби на вечерта.
– Ова ми е прва борба во полупрофесионална конкуренција, има други правила, други ракавици, ова е ново искуство. Противничката е поискусна од мене. Ја гледав како се натпреварува во потешки категории од мојата. Мислам дека ќе биде многу интересна борба, каде ќе дојде до дуел на два различни стила борба. Ќе биде интересно – вели Даниела.
Инаку, Даниела во фокусот на пошироката спортска јавност во земјава дојде откако го освои златниот медал во јуниорска конкуренција на Европското првенство 2025 во ММА во Белград.