
Младите се плашат од сиромаштија во староста
Голема загриженост поради можна сиромаштија во староста и скромно познавање на опциите за приватно осигурување во старост – ова се двете крајности на младите Германци, родени помеѓу 1990 и 2010 година, јавува ДПА.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Меѓу оние луѓе на возраст до 30 години, 83 отсто се загрижени дали кога ќе се пензионираат ќе бидат финансиски безбедни, покажала анкетата која агенцијата „Форса“ ја спровела за компанијата „Виза“ и банката ИНГ Германија.
Истовремено, само еден од двајца, 52 отсто, од вкупно 1.002 учесници во анкетата се оцениле себеси дека се разбираат во финансиски прашања.
Кај помладата генерација, и покрај сите проблеми со пензиското осигурување, и понатаму е раширена довербата во законската пензија. Повеќето очекуваат да добијат државна пензија во староста.
Во анкетата во јули, мнозинството, односно 56 отсто, очекуваат да добијат државна пензија во старост. Нешто помалку од една третина, 31 отсто, не сметаат на тоа.
Од граѓаните кои рекле дека штедат или инвестираат, 55 отсто го прават тоа како мерка на претпазливост за старост.
Таков тренд забележала и банката ИНГ, која, заедно со податоците добиени со помош на анкетата, ги анализирала податоците на околу 1,16 милиони свои помлади, анонимни клиенти.
Од тие клиенти, една третина имале дигитален депозит во обврзници, нешто помалку од половина, 45 отсто, редовно штедат инвестирајќи во хартии од вредност, и тоа во просек околу 350 евра месечно. Најголемиот дел од тие пари, 88 отсто, се инвестирани во берзанските инвестициски фондови (ЕТФ).
За помладите луѓе, најважните советници кога станува збор за инвестирање пари се семејството, пријателите и познаниците.
Препораките од банките или консултациите со банкарски експерти за важни ги сметаат приближно половина. Меѓу инфлуенсерите, кои зборуваат за финансиски теми на социјалните мрежи, им верува секој десетти од генерација Зет.