МКарта – адут за признание и за привлекување иселеници со важност од четири години

Одлуката да се додели МКарта за заслужните од дијаспората се заснова на Законот за надворешни работи (доделување признанија и благодарници), за што постои и интерен правилник.

Министерството за надворешни работи ќе доделува МКарта на научници, лекари, бизнисмени и уметници со македонско потекло што живеат во странство, а се истакнале во својата дејност и ја промовирале Македонија, а „специјалната лична карта“ ќе важи само четири години.

Вкупно 69 македонски истакнати личности од дијаспората досега добија Мкарта, специјален документ со кој Македонија во знак на почит ќе им овозможи симболични привилегии – полесно да ги поминат аеродромските процедури за влез во земјава („брза лента“) бесплатна посета на музеи, театри и на други институции.

Станува збор за научници, лекари, бизнисмени и уметници со македонско потекло што живеат во странство, а се истакнале во својата дејност и ја промовирале Македонија во земјата во која живеат и работат и истовремено имаат желба и интерес да бидат дел од развојот и општествените процеси во Македонија.

„МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од дијаспората, кои имаат дадено посебен придонес за подобрување на односите на Република Северна Македонија со дијаспората или државата во која престојува, за подобрување на меѓународниот углед на државата или е познат и признаен професионалец во струката. Истата е со ограничен рок на траење од четири години“, велат од МНР за „Слободен печат“.

Одлуката да се додели МКарта за заслужните од дијаспората се заснова на Законот за надворешни работи (доделување признанија и благодарници), за што постои и интерен правилник. Одлуката ја донесува министерот, на предлог на шеф на дипломатско-конзуларно претставништво на Северна Македонија во странство или друг државен орган, а во процесот е вклучен и Секторот за дијаспора при МНР.

Доделувањето вакви признанија од Министерството е во согласност и со Акцискиот план на Националната стратегија за соработка со дијаспората 2019-2023. Досега се избрани 69 луѓе, но „детектирањето“ истакнати лица од дијаспората продолжува, а бројот на тие што ќе добијат Мкарта не е ограничен.
Досега, во соработка со Министерството за култура и Министерството за внатрешни работи се договорени две поволности – забрзан влез во државата и бесплатен влез во културни установи (музеи, театри и сл.).

Проектот МКарта официјално го претстави министерот за надворешни работи Бујар Османи уште на 30 мај 2021 година со цел, како што рече, „да создадеме платформа, мрежа на наши видни и успешни личности во дијаспората, со што ќе придонесеме одливот на мозоци да се претвори во циркулација на мозоци, односно да ги вклучиме во нашите општествени текови“.

Преку платформата МКарта тие добиваат влезен билет, со кој ќе се интегрираат во македонското општество и ќе се искористи нивниот потенцијал. Истакнатите македонски државјани од странство кои ќе имаат МКарта, имаат и симболични поволности, како што е слободен влез на културни настани, музеи и галерии, но идејата беше да можат полесно да основаат бизниси и да добиваат финансиска помош за инвестиции. Успешните иселеници треба да ги идентификуваат дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП), а потоа комисија во МНР да прави процена на кои од овие луѓе ќе им се додели ваков влезен билет или, како што уште го нарече Османи, „специјална лична карта“. Покрај предлозите од ДКП-та, министерот ги повика и иселениците само да се јават по електронски пат.

Досега ваков „влезен билет“, меѓу другите, добиле Накибе Адеми, правничка со плодна адвокатска кариера во Хамбург и специјализиран експерт за иселениците, оперскиот пејач Благој Нацоски, бизнисмените Аднан Асановски и Феми Ислами од Данска, Игор Панчевски, Катерина Туџаровска-Настевска, Ружди Хоџа, Зоран Радунович, Васка Вандевска Радунович, Менсур Шаќири, Сухат Мустафа, Мелјаим Мена и Васим Зекири од Норвешка, како и Јасмина Шопова, Елена Стојческа, Горан Секуловски и Марјан Денков од Франција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот