Мирољубивото „распуштање“ на Дејтонскиот мировен договор е цинична заблуда

Дваесет и пет години по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, српските и хрватските политички класи сè уште ја замислуваат Босна и Херцеговина како ништо повеќе од приврзок на нивните големодржавни проекти

Беше тоа во септември 1995 година, кога Ричард Холбрук, придружуван од Питер Галбрајт, амбасадорот на САД во Хрватска во тоа време, се сретна со хрватскиот претседател Фрањо Туѓман во Загреб. Холбрук штотуку пристигна од Белград со експлицитни упатства од Стејт департментот на САД да побара Туѓман да стави крај на заедничката офанзива што ја спроведуваат Армијата на Босна и Херцеговина и хрватската армија во Западна Босна. Претпоставката беше дека без артилериската поддршка на хрватската армија, Армијата на БиХ – само дваесетина километри надвор од главниот град на бунтовниците – нема да може да влезе во Бања Лука. Во момент на уникатна искреност за еден дипломат, Галбрајт ги објасни неговите и размислувањата на Холбрук во интервју за босанскиот весник „Дани“ што го даде години подоцна:

„Јас бев јастреб, заговарав воена интервенција, воено решение. Но, во тој момент имав два сомнежи: едниот беше за бегалците од Западна Босна и Краина, како и за локалното население, бидејќи веќе имав видено како се однесуваа Хрватите во такви ситуации. Точно, градот беше во рацете на луѓето што ги сметам за фашисти, но таму имаше обични луѓе, жени и деца, невини луѓе. Бев загрижен за евентуалните последици од бегалскиот бран од 400.000 луѓе кои ќе се иселат (…) и катастрофата што тоа ќе ја предизвика. Другиот сомнеж беше дека ќе размениме еден проблем за друг. Со други зборови, дали Туѓман би ја предал Бања Лука ако ја преземеше? (…) За тоа разговаравме и дојдовме до заклучок дека на Туѓман треба да му се каже да престане. Холбрук му го рече тоа. (…) Тоа беше многу тешка одлука и да мислевме поинаку, ќе се случеше поинаку. Понекогаш историјата не се прави со големи, внимателно осмислени стратегиски одлуки, туку многу поедноставно.“

Наплив од ревизионизам

Немаше ништо неизбежно во воените активности на Србите во Западна Босна во есента 1995 година. Всушност, босанската влада, со двете раце врзани зад грбот во текот на целата војна, беше под силен притисок на Клинтоновата администрација да го жртвува територијалниот интегритет на земјата, во неделите по падот на Сребреница, под безбедносна заштита на ООН. Во секој случај, војната сопре непосредно пред градовите Бања Лука и Приједор. Особено во Приједор имаше мрежа на концентрациони логори што ја дефинираа геноцидната природа на српскиот проект во Босна и Херцеговина, кој се маскираше како војна.

Милошевиќ, Туѓман и Изетбеговиќ го потпишуваат мировниот договор во Дејтон, САД на 25 ноември 1995 година

Слично, нема ништо неизбежно во мирот на територијата на поранешна Југославија денес. Постои наплив од ревизионизам и во Белград и во Загреб, со тоа што двете држави активно ги спроведуваат своите агенди од времето на војната во Босна и Херцеговина. Преку разузнавачки и дипломатски операции, како и културни и образовни политики, овие актери се обидуваат понатаму да ги кооптираат српските и хрватските етнички популации во земјата. Заеднички именител на нивната политика во Босна и Херцеговина (а тешко дека постои нешто друго за што се согласни и денес Србија и Хрватска), е дека Босна и Херцеговина може да постои само како обичен збир од трите етнички заедници – доколку воопшто постои.

Дваесет и пет години по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, неможноста на српските и хрватските политички класи да ја замислат Босна и Херцеговина како независна држава или нешто повеќе од додаток на нивните соодветни проекти за Голема Србија и Голема Хрватска, продолжува да ја поткопува стабилноста во регионот. Националистичките политички и интелектуални сили и во Белград и во Загреб едноставно го чекаа либералниот поредок што го зафати регионалниот аранжман, за повторно да ѝ се навртат на Босна и Херцеговина.

„Тајност, флексибилност и трпеливост“

Сепак, како што неодамна истакна Јануш Бугајски, постар соработник во Фондацијата „Џејмстаун“, проектот веќе не се врти околу „етнички убиства, масовно протерување и територијално освојување“. Наместо тоа, тој еволуираше во притаена операција, заснована врз принципите на „тајност, флексибилност и трпеливост“. Преферираната тактика на Хрватска вклучува понатамошна „трибализација“ на земјата, заобиколување и изолација на Босна и Херцеговина на меѓународно ниво, или инфилтрирање и отворено поткопување на државните институции како што се судството, изборните тела и разузнавачките служби.

Србија, од друга страна, спроведува политика на притаена окупација и кооптирање на виталните сектори во деловите на земјата со српско мнозинство: енергија, образование и државјанства. Србија и ентитетот на босанските Срби во БиХ неодамна го прославија првиот заеднички „Ден на српското единство“, со усогласување на наставните програми во основните училишта по предметите за мајчин јазик, историја, географија и познавање на природата и општеството.

И двете земји се вооружуваат со застрашувачка брзина. Пред неколку недели БиХ се вознемири по објавата дека Србија бара да го купи турскиот ловец „Бајрактар ​​ТБ2“. Хрватска е исто така среде модернизација на војската, а неодамна купи германски хаубици, американски хеликоптери „Киова“ и неколку стотици оклопни борбени возила, барајќи да набави и флота од борбени авиони.

Нема што многу да се направи за да се ублажат српските и хрватските планови за БиХ. Големодржавните проекти – на пример, поранешниот српски министер за одбрана Александар Вулин неодамна го претстави „Српскиот свет“, надворешно-политичка доктрина слична на „Рускиот мир“ – и основните идеологии се дел од општествениот и политичкиот мејнстрим во двете земји и произлегуваат од визиите за градење на нациите од 19 век. Ниту една од тие две држави не може да се замисли себеси без аспирациите кон босанската територија и народ. Единствениот ефикасен начин да се спречи реализацијата на овие планови е да се осигура дека цената за таквата авантура би ја надминала користа од неа.

Нема да се случи „преку ноќ“

Фрањо Туѓман направи пресврт на почетокот на 1994 година, станувајќи (повторно) босански (полу) сојузник. Тоа не беше резултат на меѓународен притисок, туку го одразуваше фактот што воените и финансиските загуби направени од неговата босанска авантура станаа неподносливо високи. Слободан Милошевиќ, пак, не ги вооружуваше Радован Караџиќ и босанските Срби за да му дадат овластувања да преговараат во нивно име затоа што тој му ветил нешто на Холбрук, туку едноставно затоа што Армијата на 5-от корпус на БиХ беше стигната до периферијата на Бања Лука.

Со други зборови, и како заклучок, најважната лекција што треба да се научи дваесет и пет години по завршувањето на војната во поранешна Југославија е дека одржливоста на мирот зависи од меѓународната, националната и локалната заложба за одбрана на постојниот регионален аранжман. Идејата дека е можно по мирен пат да се „распушти“ Дејтонскиот мировен договор е цинична заблуда.

Неодамна сведочевме во Нагорно Карабах како замрзнатите конфликти можат да се стопат преку ноќ. Ако тоа се случи на Балканот, никој нема да може да каже дека до тоа дошло – преку ноќ.

Д-р Емир Суљагиќ e директор на Меморијалниот центар во Сребреница.

Преземено од „Анадолу агенција“ од Анкара

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот