
Министерството за правда си ја елиминираше раководителката за бесплатна правна помош од посета на Холандија и покрај инсистирањата на Советот на Европа дека е соодветно таа да дојде
„Дали имате правен проблем што не можете сами да го решите и дали ви е потребна помош од адвокат, но не можете да си ја дозволите? Тогаш посетете ја нашата веб-страница за граѓани“.
Препорачано
Ваква порака ги дочекува Холанѓаните на страницата на холандскиот Државен одбор за правна помош – независно административно тело на оваа европска држава одговорно за обезбедување субвенционирана правна помош во Холандија.
И Македонија е на пат да формира слично тело, во засега непозната форма. Според информации на „Слободен печат“ во моментов се разгледува можноста за формирање единствено посебно тело за бесплатна правна помош во Македонија со интегрирање на сите области – граѓанска, кривична и управна. Деталите не се споделуваат и иницијативата е во фаза на идеја.
Затоа и претставници на Министерството за правда од 21 до 25 септември ќе одат во студиска посета на Холандскиот државен одбор за правна помош, да го донесат искуството од оваа холандска институција во Македонија, за да им послужи во праксата, затоа што Холандија е позната по својот сеопфатен и ефикасен систем за бесплатна правна помош кој обезбедува еднаков пристап до правда за ранливите и за сиромашните. Посетата е со цел претставници од клучните институции во Македонија да се сретнат со нивните холандски колеги за да се види како да се подобрат услугите за правна помош. И до тука работите се во ред.
Но, подоцна, малку се комплицираат и стануваат нелогични, кога ќе се види дека Министерството за правда од оваа студиска посета ја елиминирало раководителката на одделението за бесплатна правна помош.
Како што е редот, организаторот на оваа студиска посета од Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, во Министерството за правда испратил список на учесници кои ги предложил да учествуваат на студиската посета во Холандија. Логично, на списокот првата учесничка што организаторот ја предложил да дојде во Холандија е раководителката на одделението за бесплатна правна помош Весна Наковска.
Ова не е без причина. Наковска работи на проблематиката за бесплатна правна помош од самото донесување на Законот за бесплатна правна помош. Таа има присуствувано на сите состаноци на Националното координативно тело за бесплатна правна помош формирано во 2020 година со поддршка на проектот на Советот на Европа и Европската Унија. На состаноците на ова тело се разговара за пристапот до правна помош за жртвите на семејно насилство, за вештачењата, бесплатната правна помош за жртвите на кривични дела и на трговија со луѓе и многу други важни прашања.
Но, од мистериозни причини, кога Министерството за правда ги потврдило своите учесници кон организаторот – името на Весна Наковска го извадиле од списокот. Испратиле 4 учесници на студиската посета во Холандија која ќе почне в недела меѓу кои заменик-министерот за правда, државен советник за бесплатна правна помош и претставник на кабинетот на министерот и уште едно лице. Кога им било сугерирано дека номинирале четворица, а има можност за пет учесници и дека би било особено соодветно на делегацијата да ѝ се приклучи и Наковска, раководителка на одделението за бесплатна правна помош – ваквата кореспонденција останала игнорирана.
„Слободен печат“ постави прашања во Министерството за правда кој го сторил изземањето на раководителката и зошто го направил тоа со оглед на фактот што според доказите со кои располагаме – лица од организацијата инсистирале таа да присуствува зашто една од целите на студиската посета е и јакнењето на капацитетите на ова одделение. Мејлот му го испративме и на министерот за правда Игор Филков.
Од службата за односи со јавност на Министерството велат дека кога Проектната канцеларија на Советот на Европа им пратиле предлог-учесници (меѓу кои била Весна Наковска н.з.) тие ја разгледале според конкретни критериуми. Сите тие критериуми повторно посочуваат кон тоа дека Наковска ги исполнува – релевантност на работното место и моментални работни задачи во однос на темите кои ќе бидат опфатени со студиската посета, балансирана застапеност на институции и профили на учесници, вклученост во тековните активности на реформата за системот за бесплатна правна помош.
Во тој контекст, Министерството номинираше четири претставници, согласно внатрешна проценка и распределба на тековните обврски. Одлуката беше донесена со цел да се обезбеди балансиран тим со различни експертизи и пристапи во областа на правната помош, застапеност на раководни и оперативни лица, како и со цел функционално да се покријат сите теми кои ќе бидат опфатени за време на посетата.
Во делот на Бесплатната правна помош како претставник од овој сектор, Министерството за правда го номиираше Аркин Јахији , државен советник за бесплатна правна помош. Со оглед дека Аркин Јахији е директно одговорен за прашањата поврзани со системот на бесплатна правна помош на стратешко и координациско ниво, сметаме дека неговото учество е доволно за претставување на секторот. Исто така, во интерес на непречено функционирање на одделението во време на отсуство, беше донесена одлука да не се испратат двајца службеници од истиот сектор, со цел да не се доведеме во ситуација да не може да се постапува по предмети, велат од Министерството за „Слободен печат“.
Студиската посета на холандското тело за бесплатна правна помош е во рамките на иницијативата на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонталниот иструмент за Западен Балкан и Турција“. Една од целите на оваа програма е да ѝ се помогне на Македонија да ја исполни реформската агенда од областа на човековите права, владеењето на правото и демократијата и да се усогласи со европските стандарди што е приоритет за процесот на проширување на ЕУ.