Минатата година заловени 696 улични кучиња, од нив 186 си нашле дом

Фото: ЈП „Лајка“

Покрај медицинскиот третман кои кучињата го добивале откако биле заловени, тимовите во ова јавно претпријатие работеле и на нивно згрижување и нега додека се наоѓале во стационарот.

Вкупно 696 кучиња скитници биле заловени од страна на екипите на ЈП „Лајка“ од јавните површини во Скопје, во текот на минатата година. Сите овие заловени кучиња, откако пристигнале во просториите на јавното претпријатие поминале низ клинички преглед со кој ветеринарите ја утврдувале здравствената состојба на секое од заловените кучиња поединечно. Од заловените кучиња, дури на 654 од нив им бил потребен хигиенски третман.

Вкупно 635 од заловените кучиња биле вакцинирани од беснило, на 771 куче му бил напреавен 4Д тест, а на 761 куче направен му бил и тест за лишманија.
Ова се податоците прикажани во Годишниот извештај за работењето на ЈП „Лајка“, односно за нивните работни активности во периодот од први јануари до 31 декември 2021 година. Според наведеното, 643 кучиња биле третирани од ектопаразити, 635 кучиња биле вакцинирани против беснило, 565 биле вакцинирани против заразни болести.

– ЈП „Лајка“ работи по методата на заловување регистрирани и нерегистрирани кучиња на јавните површини, без сопственик, нивен преглед во ветеринарната служба во прифатилиштето, привремено сместување во стационарот до нивно вдомување или враќање на локацијата, а со цел овозможување на минимална контролирана бројка на бездомни кучиња на територијата на Град Скопје. ЈП „Лајка“ во 2021 година работи, односно заловуваше на подрачјето на градот Скопје и тоа: по приоритетни пријави од граѓани кои биле нападнати од бездомни кучиња и согласно „Проценката на бројот на моменталната популација на бездомните кучиња во град Скопје“ изготвена од Факултетот за ветеринарна медицина, по реони – се објаснува начинот на работа на ова јавно претпријатие во Годишниот извештај.

Во извештајот е наведено и дека, ветеринарните практики кои се спроведуваат во ветеринарната амбуланта на ЈП „Лајка“ се однесуваат на клинички преглед на кучињата при нивниот прием, ветеринарно-медицинска терапија, вакцинални протоколи за беснило и други заразни болести, дехелментизација, стерилизација и обележување со ушни маркици и апликација на микрочип.

– По завршувањето на третманот дел од единките беа вратени на истите локации од кои што се заловени, а дел од бездомните кучиња кои го завршија третманот беа вдомени – објаснуваат од ЈП „Лајка“.

Покрај медицинскиот третман кои кучињата го добивале откако биле заловени, тимовите во ова јавно претпријатие работеле и на нивно згрижување и нега додека се наоѓале во просториите. Вкупно 220 кучиња кои припаѓаат на малите раси биле згрижени, хранети и медицински третирани во текот на минатата година односно во просек по 18 кучиња месечно. Кога станува збор за средните раси, 500 кучиња престојувале во просториите на ЈП „Лајка“ односно по 42 кучиња месечно, а пак 1270 кучиња од големите раси престојувале во просториите на јавното претпријатие или во просек по 105 кучиња дневно.

Од вкупната бројка на заловени кучиња, 186 кучиња биле вдомени во земјава и во странство, со што трајно биле згрижени и „тргнати“ од улиците каде што покрај тоа што биле изложени на временските непогоди, нередовно се хранеле и пиеле вода.

Меѓу другото, во Годишниот извештај е наведено и дека на 529 кучиња им бил аплициран микрочип, а издадени биле исто толку пасоши за миленици.
Извршена била и кастрација и стерилизација на кучињата се со цел да се превенира размножување на уличните кучиња со што би се намалил и бројот на незгрижени животни, но и да се заштити здравјето на секоја единка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот