Милошоски: Ако Уставот беше за онлајн седници на Собранието, ќе пишуваше учество, а не присуство

Антонио Милошоски/ Фото: Архива на Слободен печат

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пренесувајќи го ставот на неговата пратеничка група, денеска изјави дека Собранието од уставно-правен аспект не може да работи и да одлучува преку онлајн апликации, од едноставна причина што постои јасна уставна норма, односно членот 69, кој налага присуство на собраниските седници на мнозинство од вкупниот број на пратеници.

Милошоски наведува дека ако Уставот бил за онлајн сесии ќе пишувало учество, а не присуство, како што прецизно е утврдено во членот 29 од Деловникот во кој се наведува дека пратеникот има право и должност да присуствува на седниците на Собранието и да учествува во работата и во одлучувањето.

– Од етички аспект, би било нееднаквост доколку пратениците физички не одат на работа во Собранието, а во исто време се бара од градежниците, од медицинскиот персонал, од продавачите, од возачите, од наставниците, од судиите, од службениците и од приватниците да бидат физички на своите работни места за да си ја заработат својата плата, потенцира Милошоски на својот профил на Фејсбук.

Милошоски подоцна го објасни ставот и во изјава за медиумите, потенцирајќи дека одговорност на владејачките партии е што одлучиле со такво тенко мнозинство да влезат во една „авантура наречена ефикасни институции, кои што ги ветуваа пред изборите”.

– За да има ефикасни институции, мора да има соработка од власта со сите други пратенички групи и уважување на нивните ставови и мислења кога се работи од интерес на граѓаните, вели Милошоски.

Доколку, како што додава тој, на мускули се тера проектот онлајн седници се ризикува политичка криза во Собранието и дополнително се воведува уште една правна несигурност.

– Кој било закони што би се изгласале на онлајн седници, а Уставот предвидува присуство, порано или подоцна може да паднат на Уставен суд, рече пратеникот на опозициската партија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот