Милиони евра народни пари се даваат за железницата, а таа вози во рикверц

воз скопје железничка станица возови
Железничка Скопје/ Фото: МИА

Последниот „ладен туш“ за патниците е известувањето од Железница дека од денеска корисниците на услуги што патуваат на релација Битола – Прилеп – Велес – Скопје и обратно имаат на располагање само еден воз од Скопје во 14.30 часот и еден од Битола во 3.13 часот. Претходно, и од Скопје и од Битола имаше уште по два воза.

Железничкиот патнички сообраќај сè повеќе изумира, постарите граѓани со носталгија се сеќаваат на патувањата со воз, а многу млади воопшто и не се качиле во него. Оние, пак, што ќе се качат во воз, не знаат кога ќе стигнат на една од дестинациите низ нашата мала држава. Колку за потсетување, неодамна поради реконструкција на дел од пруга од Велес до Скопје се возеше со часови, пред две недели патниците од Велес што сакаа да заминат за Прилеп, останаа на перонот затоа што имало изгорени прагови, но граѓаните често споделуваа и разни други непријатни патешествија кога без никакво, или половично известување, биле оставени да чекаат воз. Последниот „ладен туш“ за патниците е известувањето од Железница дека од денеска корисниците на услуги што патуваат на релација Битола – Прилеп – Велес – Скопје и обратно имаат на располагање само еден воз од Скопје во 14.30 часот и еден од Битола во 3.13 часот. Претходно, и од Скопје и од Битола имаше уште по два воза.

Редуцирањето на возниот ред, предизвика лавина негативни коментари во јавноста, а професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола јавно постави прашање на кое надлежните треба да дадат одговор.

– Зошто ги реновираа железничките станици и купуваа кинески возови ако планираа да ја сведат железницата на еден воз дневно? Ако железницата не била рентабилна со три воза на ден, како ќе биде рентабилна со еден воз? – прашува Трајковски.

 По 7,5 милиони евра годишно субвенција, но тоа не е сѐ

 

Државата постојано префрла пари како на Железница-Транспорт, така и но Железница-Инфраструктура.

– Субвенциите за патничкиот железнички сообраќај годишно се 460 милиони денари (7,5 милиони евра). Дополнително, интервентно се префрлаат пари и за плати или за струја. Така, минатата година беа префрлени вкупно 15 милиони евра на МЖ-Транспорт, а годинава, досега се префрлени 10 милиони евра – изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за транспорт и врски.

Според ТВ Телма, пак, Владата го одобрила барањето на МЖ Транспорт за уште 15 милиони евра, затоа што претпријатието има големи долгови за неплатена струја.
Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера одговарајќи на новинарско прашање за тоа до кога ќе се префрлаат милионски суми на нефункционалната Железница, посочи дека Министерството постојано посочува на потребата од намалување на трошоците, но исто така вели дека субвенционирањето на железничкиот сообраќај е нормална работа насекаде во светот.

– Министерството за финансии постојано укажува на управувањето на компаниите што се во државна сопственост. Железници-Транспорт е една од институциите каде што државата субвенционира. Така е и во Европската Унија дел од трошоците се признаваат за да може да функционираат некои линии што се од јавен интерес, а кои економски не се исплатливи. Но, во однос на управувањето, постојано зборуваме дека менаџментот треба да ги намали трошоците – изјави Бесими.

 Дизел-локомотивите со просечна старост од 48 години

 

Од МЖ Транспорт, пак, сметаат дека ги намалуваат трошоците, но како што е наведено во нивниот Бизнис план за 2022 година, за да се намалат трошоците во патничкиот сообраќај, потребно е дизел-локомотивите и класични вагони да се заменат со дизел моторни возови.

„Старосната структура на влечните капацитети го оптоварува експлоатацискиот процес, ја зголемува потрошувачката на енергенсите и ги зголемува празните возења. Дизел-локомотивите од тип 661 се со просечна старост од 48 години што значи дека е изминат техничкиот амортизационен век. Нешто подобра е состојбата со дизел маневарските локомотиви, а подобра е состојбата на електролокомотивите, чија просечна старост изнесува 35 години. Со набавка на четирите локомотиви што се во сообраќај, состојбата на техничко-технолошката експлоатациска економска моќ на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје се зголеми, трошоците на експлоатација се намалени, а со самото тоа финансиските резултати се подобруваат. За да се избегне големиот трошок во патничкиот сообраќај, потребно е тој да се одвива со дизел моторни возови, наместо со дизел-локомотиви и класични вагони. Состојбата со електромоторните возила е следнава: инвентарскиот парк го сочинуваат 6 гарнитури, од кои само една е во експлоатација“, пишува во Бизнис планот.

Последните расположливи извештаи се за 2022 година кога на приходната страна се планирани 20,7 милиони евра, а на расходната се планирани 27,9 милиони евра, што значи дека испланирала буџетска дупка е над 7 милиони евра.
Железничката пруга низ Македонија е долга 699 километри, а во МЖ-Транспорт има 920 вработени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот