
Миленкоски: Турнирот „Чајка“ ќе ни помогне да ја постигнеме нашата форма пред дуелите со Грција и Грузија
Најдобрата македонска одбојкарска репрезентација ќе го искористи меѓународниот меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ во Скопје како подготовка пред настапот во евро-квалификациите против Грција и Грузија.
Препорачано
На турнирот „Чајка“ Македонија првиот натпревар ќе го игра утре од 17.45 часот против Швајцарија, а в четврток од 19.00 часот избраниците на селекторот Јошко Миленкоски ќе се сретнат против Бугарија. Резултатот не е приоритет, туку темпирањето на формата за евро-квалификациите, но репрезентативците ќе се обидат да ја израдуваат публиката.
– Задоволството е големо, по знам кој пат учествувам на овој турнир во рамките на подготовките на репрезентацијата, одново како дел од подготовките за евро-квалификациите и обидот четврти пат во низа да стигнеме на едно Европско првенство. Веќе 20 дена заедно 32 дена е овој циклус со 37 тренинзи и со четири пријателски натпревари. Учеството на овој турнир ќе ни помогне да ја постигнеме нашата препознатлива форма токму пред клучните натпревари со Грција и Грузија на кои ќе се одлучува пласманот на ЕП. Ќе учествуваме на еден од најпрестижните турнири во регионот. Јас лично многупати сум учествувал и на клупско ниво и со националниот тим, и задоволството е уште поголемо.

Очекуваме целокупната јавност да ни даде поддршка во овие наши напори, да бидеме победници на овој турнир. Во моментов можеби резултатот не е приоритет, туку повеќе да биде во функција за подготовка за дуелите со Грција и Грузија во тој момент да бидеме во најдобрата форма. Императивот сепак ќе биде победа да ги израдуваме љубителите на одбојката и секако семејството Хаџииљоски, кој долги години е организатор на овој турнир и се труди да биде помош и поддршка за националниот тим, што е од огромно значење за нас и многу сме благодарни – вели Миленкоски.
Влезот на сите натпревари во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе биде слободен, додека дуелите на Македонија ќе имаат и директен телевизиски пренос на МРТВ 3.
– Преубаво е да се вратиме во Скопје и во „Александар Палас“ и во „Борис Трајковски“ по 2023 и Европското првенство од кое имаме преубави спомени. Благодарам за ОФМ за прекрасните услови кои ни ги овозможи и во Струмица и сега во Скопје и одлична почетна точка за она што следува. Пред нас е мојот омилен турнир. Се изненадив дека е 49. издание, јас сигурно сум учествувал на десетина, а го имам освоено само еднаш во 2011 година. Многупати сме губеле во финалето 3:2 и се надевам дека сега ќе го освоиме.
По 49 пат ќе се организира меѓународниот меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“
Сакам да му се заблагодарам на семејството Хаџииљоски за турнирот кој е секогаш во наша служба и ни помага да ја достигнеме нашата форма за официјалните натпревари. Пред нас се две интересни репрезентации Швајцарија и Бугарија. И со едните и со другите сме играле и имаме една победа и еден пораз и мислам дека не очекува интересен турнир. Се надевам дека македонската публика ќе не поддржи, ќе дојде во салата и јас во името на репрезентативците можам да ветам дека ќе го дадеме нашиот максимум – се зборовите на капитенот на репрезентацијата, Никола Ѓоргиев.