Михајловиќ: Зголемувањето на приходите на општините не треба да го зголеми апетитот за нови вработувања во администрацијата

Катица Михајловиќ од Асоцијацијата за демократски иницијативи

Наместо досегашните 3%, општините ќе добиват 6% од пресоналниот данок, како и 6% наместо досегашните 4,5% од собраното ДДВ на општините. Овие мерки ги предвидува Предлог-законот кој Владата веќе го доставилa до Собранието, а пратениците за него ќе се изјаснат по локалните избори.

Катица Михајловиќ од Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ), организација која веќе 26 години работи заедно со општините во насока на зајакнување на локалната демократија, во изјава за „Слободен печат“ вели дека предложените измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа ќе ги зголемат приходите на општините, но прашање е дали би се унапредиле услугите што моментално ги добиваат граѓаните.

– Предложените измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа секако дека ќе ги зголемат приходите на општините. Меѓутоа, последните достапни анализи покажуваат дека повеќе од половина од вкупните општински трошоци се наменети за исплата на многубројната администрација. Оттука, треба да го поставиме прашањето што за граѓаните би значело зголемувањето на приходите во општинските каси? Дали би се унапредиле услугите што моментално ги добиваат граѓаните, нивниот квалитет, односно поедноставување на административните процедури?! Дали би се спроведувале повеќе развојни и капитални инвестиции кои досега не можеле да се спроведат?! Сметам дека зголемувањето на приходите на општините не треба да го поттикне нивниот апетит за нови вработувања во администрацијата – изјави Михајловиќ за „Слободен печат“.

Приходите, додава таа, треба рационално да се насочат кон неколку клучни области неопходни за развој на општините.

– Тоа се забрзана дигитална трансформација, подобрување во системите за управување со квалитет и за мерење на задоволството на корисниците на услуги, како и за спроведување економски и социјални програми од бенефит за заедницата. Поголеми приходи треба да носат унапредување на капиталната инфраструктура, подобрување на деловниот амбиент, привлекување на инвестиции и зголемување на конкурентноста на локалната економија, вели Михајловиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот