Мицкоски не гледа проблем во личните карти да стои и етничка определба, најави ревизија на случајот за 27 април

Христијан Мицкоски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека не гледа проблем во личните карти да стои и етничката определба.

-Јас навистина не гледам проблем во тоа да стои во личната карта дека сум Македонец. Апсолутно не гледам причина. За жал, има и такви парламентарни партии кои што од страна му служат на Зоран Заев, кои што се обидуваат да го спречат сето тоа. Јас навистина не гледам зошто во мојата лична карта да не стои мојата национална, етничка определба дека сум Македонец. А, некој тоа сака да го спречи. Зошто сака тоа да го спречи? За тоа што им пречеше македонскиот јазик, им пречеше Македонија, им пречеше АСНОМ, и што уште веќе не им пречи, истакна Мицкоски.

Тој изјави и дека, како што наведува, за сите политички и диктирани пресуди по падот на власта ќе има ревизија.

-Имаме заробено Обвинителство каде што се диктираат обвиненија, не само за 27-ми април, туку зборуваме и за поширок опфат кои што служат за политички прогон. Имаме судство кое што функционира под диктат, односно како владетелот, а тоа е во случајот Зоран Заев и СДСМ ќе им издиктираат и такви пресуди се носат. Ако сето ова го сумираме и го изанализираме тогаш доаѓаме до заклучокот дека сме хибриден режим и не треба да не чуди што сме најкриминалната и најкорумпираната држава на Балканот според меѓународната реномирана „Транспаренси Интернешнл”, рече Мицкоски на новинарско прашање за .случајот 27-ми април по посетата на.компанијата „Еко циркон”, во Скопје.

Мицкоски додаде дека сите оние судии кои што, вели, прифатиле диктати и судски нарачани пресуди ќе бидат санкционирани соодветно согласно законите и Уставот. Потсети и дека имотот на ВМРО-ДПМНЕ е блокиран, како што наведе, поради случај кој што се води, а кој што е отпочнат надвор од  дефинираниот рок од 18 месеци согласно Законот за СЈО.

-Не е само случајот 27-ми април, тој е еден од случаите со огромен политички прогон, тука се и случаите кои што во моментов се водат во судските лавиринти и меѓу кои е и случајот  против партијата чиј што имот е, би рекол на неправеден, незаконски, неуставен начин замрзнат, истакна Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот