Мицотакис денеска ќе излезе со став околу случајот со прислушкувањата

Кирјакос Мицотакис/ Фото ЕPA-EFE/Al Drago / POOL

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во текот на денешниот ден се очекува да излезе со изјава и став во однос на случајот со прислушкувањата во Грција, по оставките во петокот на Директорот на Националната служба за разузнавање на Грција (ЕИП) и генералниот секретар на грчката Влада, но и откако целиот случај е во фокусот на грчката јавност, а опозициските партии сметаат дека главната одговорност ја има токму Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Оставката на првиот човек на ЕИП, Панајотис Кондолеон дојде по, како што соопштија од кабинетот на грчкиот премиер, „погрешните постапки во процесот на легалните следења“, односно во законското прислушкување, по добиено одобрение од Обвинителството, на мобилниот телефон на лидерот на ПАСОК – Движење на промена Никос Андрулакис, но без при тоа, според Владата, да биде информиран самиот премиер во чија надлежност е службата.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, говорејќи утрово за телевизијаτа „Скај“, истакна дека ако Мицотакис знаеше за следењето на Андрулакис, „тоа немаше да се случи“ и затоа беше отстранет директорот на ЕИП и беше преземена политичка одговорност, додаде дека грчкиот премиер, во неговата изјава „детално ќе се осврне на случајот и ќе опише како Владата му пристапува на прашањето и како ќе се справи со тоа“.

Лидерот на ПАСОК-КИНАЛ Никос Андрулакис синоќа рече дека неговиот мобилен телефон бил следен од ЕИП, а во исто време имало и обид да се хакира со софтверот „Предатор“, истакна дека единствено одговорен е Мицотакис и побара одговори од грчкиот премиер.

„Господинот Мицотакис, кој со сопствена одлука ја префрли ЕИП во негова директна и ексклузивна јурисдикција, кој ја смени институционалната рамка за да може да биде назначен неговиот избраник, Контолеон, мора да даде конкретни одговори: Зошто бев следен? Во чија сопственост е и за чија сметка се користи шпионското ‘супер оружје’ ‘Предатор’ во Грција на товар на политичарите и новинарите за да соберат материјал за уцена?“, праша Андрулакис.

Од друга страна, опозициската СИРИЗА уште во саботата коментираше дека „грчкиот „Watergate“ го има потписот на Мицотакис и побара премиерот да си поднесе оставка.

Двете опозициски партии побараа формирање истражна комисија во грчкиот Парламент за истрага на политички одговорности во случајот, а Владата одговара позитивно на ова барање.

Во грчките медиуми се појавија информации дека следењето на Андрулакис било по барање на странска служба, споменувајќи ги Ерменија и Украина, меѓутоа двете земји, преку нивните амбасади во Грција, најостро и категорично ги демантираа овие натписи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот