
Мицкоски најави „ресет на системот“, подобар живот, правна држава… само да поминат изборите
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ во говор пред симпатизерите во Македонски Брод вети и „нулта толеранција кон корупцијата која уништи толку животи и ја кочи промената.“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, вечерва зборуваше на партиски митинг во Македонски Брод, каде за по изборите најави „ресет на системот“ и повика: „Да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого“.
Препорачано
Судството мора да биде непристрасно и непоколебливо и судиите да судат според законот, а не според влијанија, рече Мицкоски.
„Моментот што го чекале генерации е пред нас, време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непоколебливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин брза, достапна и ефективна. Слободата не е само збор во уставот, туку начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем ќе биде столб на оваа држава – модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства. Намерата е да ги заштитам ранливите слоеви на општеството. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која уништи толку животи и ја кочи промената“, рече Мицкоски во говорот во кампањата за локални избори, полн со големи зборови и теми.
Во продолжение, тој навлезе и длабоките води на деновиве често слушаните тези за „длабоката држава“:
„Овој ресет ќе биде праведен, без омраза, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале системот за приватен одговорот, кои ќе вратиме одговорност и ќе изградиме систем на кој сите ќе му служиме. На сите нивоа, од најмалите служби до поголемите структури, постојат елементи кои функционираат како дел од една „длабока држава“ не само во едно министерство или една партија, туку во мрежи кои неофицијално се шират низ партии, институции и, жално, понекогаш и граѓанските заедници“.
Мицкоски додаде дека „најавениот „ресет не е реванш, туку враќање на довербата во институциите и владеење на правото“.
„Ова не е напад врз народот, ова е повик на одговорност: каде што имало злоупотреба, ќе има истрага; каде што имало влијание, ќе има транспарентност; каде што имало корупција, ќе се воведе сила на правото. Ние нема да дозволиме никој да се крие зад статуси или мандати додека ги краде шансите на граѓаните. Реформите што ги најавуваме судска реформа, реформа на правосудството, реформа на администрацијата и целосна дигитализација на услугите ќе ги исечат вкоренетите врски и ќе ги вратат институциите кај граѓаните. Овој ресет не е реванш, туку разбирање: чесноста ќе биде мерило, отчетноста ќе биде правило, а слободата и правдата повторно ќе станат неприкосновени вредности. Јас и оваа Влада ќе работиме со цела сила, рамо до рамо со граѓаните и со партнерите кои веруваат во правдата, за да изградиме држава каде што институциите служат на народот а не на сопствените интереси. Заедно ќе го направиме тој ресет; заедно ќе ја вратиме довербата“, рече Мицкоски.