Мицкоски: Дојде време да се порамнат сметките со оние кои краделе на грбот на овој народ

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната трибина „33 години ВМРО-ДПМНЕ и Македонија” рече дека „наредните избори нема да бидат само порака од народот за тоа што тој мисли за уставните измени, туку многу повеќе од тоа – порака од народот за оваа власт што тој мисли за реалниот живот кој е тежок, сиромашен, и многу несигурен“.

– Овие избори ќе бидат многу повеќе порака од народот до власта за скапиот живот, инфлацијата која е двоцифрена и највисока во Европа, за немањето на здравствен систем, за корупцијата по судовите, обвинителството, за врските-непотизмот, криминалните тендери. Ова ќе биде и порака на оние добри луѓе кои со месеци молат пред вратите на институциите и се уште го немаат лекот Трикафта. Овие избори ќе бидат и порака на младите на кои им ги одземаа сите шанси, порака на докторите, медицинскиот персонал кој го обезвреднија, на земјоделците чија мака е неплатена, на невработените, но и вработените со ниски плати, на родителите кои треперат за своите деца, на сите оние храбри луѓе кои пред налетот на тешкиот живот им удираат по достоинството, на успешните луѓе кои ги прават со сила да се чувствуваат губитници, на пензионерите со кои си поигруваат, порака на сите нив на кои треба да им кажеме готово е, доаѓа крајот, изјави Мицкоски.

Мицкоски најави убедлив триумф на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на следните парламентарни избори

– Се запрашал ли секој од вас каде одат парите? Зошто тие се толку богати, а народот толку сиромашен? Зошто секој тендер на државата има однапред добиен понудувач? Зошто има пари за службени возила, а нема за нови клупи на училиште? Зошто има пари скапи државни прослави, разни државни форуми, а нема пари за грижа за болните од ретки болести? Зошто тие живеат во хациенди, а народот нема ни за сметки за струја? Одговорот е јасен – затоа што тие се богатат со потта и над несреќата на овој народ. И доаѓа времето за она што се вика одговорност. Време е за одговорност“, рече тој.

Тој додаде дека „дојде времето кога мора да се порамнат сметките со оние кои краделе и се богателе на грбот на овој народ“.

„Одговорноста не е закана, туку мое ветување и нужен процес за секого, без разлика на вера, нација или било каква припадност или неприпадност“, рече Мицкоски.

Тој се осврна и на прашањето на уставните измени.

„Околу темата со уставни измени, изминатите две недели бевте сведоци на жестока хајка од власта, на море од дезинформации, лажни етикети. Тоа беше нервозата со која власта на ДУИ и СДС ни кажа дека е совршено јасно дека немаат план за заштита на Македонија, освен да продолжат да го бараат истото она што го бара и Бугарија од нас. Ова нивно однесување го препознав. И точно знаев дека не сакаат договор и дека ќе се вплеткаат во лаги, во недостиг на храброст да се соочат со народот и она што народот го бара. Јас дадов два предлози за излез кои се базирани пред се на заштита на националните интереси, нашиот идентитет и јазик и кој воедно содржат и гаранции за продолжување на нашата европска иднина. После две недели, одбегнување од нивна страна да кажат кој предлог тие го одбираат, јасно е дека ја отфрлија историска шанса за иднината Македонија, одбраа да работат за себе туркајќи бугарски диктат“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека оваа тема, порачува, оваа тема тука ја затвора со јасна порака, уставни измени под бугарски диктат нема да има ниту сега, ниту кога било во иднина и ВМРО-ДПМНЕ нема да оди против својот народ!

„Тоа го кажав пред година дена, не далеку одовде пред Владата на Република Македонија, тоа го кажувам и овде уставни измени додека јас сум претседател под бугарски диктат нема да има“, нагласи Мицкоски.

„Власта ако се вразуми, во што не верувам, тука сум да разговарам единствено за она што ќе значи исполнување на еден од двата предлози кои ги дадов. Тоа се нашите црвени линии од кои нема повлекување. А, за најавите дека ќе разговарале со пратеници, ќе им кажам и ќе им порачам ова не е 2018-та година, друго време е. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се последниот браник кој нема да попушти под какви и притисоци тие да прават, зошто и тие знаат, и народот знае дека им се избројани деновите. А, изборите стануваат единственото решение за излез од кризата“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот