Мицкоски: Буџетот не е развоен, туку инфлаторен

Христијан Мицкоски / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Буџетот на државата не е развоен, туку инфлаторен, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Велес, во одговор на новинарско прашање да даде коментар за интервјуто на премиерот Димитар Ковачевски за МИА.

Би сакал да кажам три поенти. Првата поента е кога вели дека ова е развоен Буџет, не е развоен Буџет туку е инфлаторен. Зошто инфлаторен? Затоа што основата на неговото димензионирање е инфлацијата. Тие велат имаме зголемени буџетски приход поради зголемена инфлација, и таа ја проектираат на ниво од 7,1 отсто. Што значи дека сиромашните граѓани дополнително ќе ги осиромашуваат преку даноци и тие даноци ќе ги прибираат за нетранспарентно трошење на Буџетот, рече Мицкоски.

Посочи дека власта не организира отворени денови за граѓаните да видат каде ќе се трошат парите од Буџетот.

Ковачевски вели дека растот на Бруто домашниот производ ќе достигне стапка од 5 отсто. А, истата таа Влада, истото тоа Министерство вели дека следната година ќе имаме раст од 2,9 отсто. Значи огромна е грешката. И тоа кога ќе го претворите во пари значи неколку стотици милиони евра. Ако премиерот вели пет отсто, а Министерството за финансии вели 2,9 отсто грешката помеѓу едниот и другиот орган е некаде околу повеќе од неколку стотици милиони евра, оцени тој.

Според него, не се точни информациите и во врска со трансфер дотациите кон општините, што треба да следат.

Се сѐ прави само да спречи развојот на општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Не им се овозможува за првпат историски општински обврзници, задолжувања преку банките како што е случајот во Гевгелија и во Радовиш. Така што повторно уште една лага, уште една манипулација или незнаење на Димитар Ковачевски, што е навистина катастрофално, оцени Мицкоски.

За Мицкоски, справувањето со енергетската криза се одвива, како што вели, преку тендери во четири очи за набавка и транспорт на јаглен, набавка на мазут и како што вели „херојско” авансно плаќање на фактурите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот