
Мицкоски: Администрацијата во судовите и во обвинителствата ќе добие повисоки плати
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека дел од судиите и обвинителите „не ја заслужуваат ниту сегашната плата“, но најави зголемување на платите за административните работници во судовите и во обвинителствата.
Препорачано
Тој одговараше на новинарско прашање во врска со реакцијата на судиите и обвинителите за ставот дека нивните плати не се заслужени и за обвинувањата од опозицијата дека е блокиран процесот на реформската агенда во правосудството.
– Благодарам на суштинското прашање. Важно прашање за иднината на државата и за владеењето на правото. Одговорот ќе го поделам во два дела. Првиот дел е следен. Сега веќе на целата македонска јавност ѝ стана јасно дека не зборуваме за суштински реформи во судството и во обвинителството, туку зборуваме за зголемување на буџетите, со цел зголемување на платите. Тоа е реформата и добро е што сега македонската јавност може да суди. Дали овие коишто, не зборувам за сите, ќе повторам, еве нека ми простат, има и такви коишто си ја вршат својата работа согласно со законите и со Уставот, но има мал дел од нив коишто го загрозуваат овој процес, и обвинители и судии, коишто не ја заслужуваат ниту оваа плата којашто ја земаат – рече Мицкоски.
Тој најави дека ќе бидат зголемени платите во судско-обинителската служба.
– Понатаму, дали ние ќе одвоиме, да речеме двапати повеќе од некои многу поразвиени земји членки во Европската Унија, еве оставам јавноста и граѓаните да судат, за платите на судиите и на обвинителите. Тоа е суштината. Значи ние континуирано зборуваме за зголемување на платите на судиите и на обвинителите. Никој не е против измените во законот за обвинителска и судска служба, тоа се два закона со кои ќе ги зголемиме платите за администрацијата, за вработените во судовите и во обвинителствата. Тоа е дел од преговорите што ги водиме со синдикатите и ние сме подготвени тоа да го направиме. Тука никој нема против, зашто дискрепанцата е пет, седум спрема еден, помеѓу нивните асистенти и помошници и самите обвинители и судии – изјави премиерот.
Мицкоски најави дека Владата ќе објави серијал на случаи со кои, како што рече, ќе покаже како дел од судиите и обвинителите постапувале спротивно на законот и наместо да се борат против корупцијата, станале нејзини генератори. Тој им порача на јавноста и на меѓународната заедница сами да проценат дали тие заслужуваат повисоки плати.