пиперки
Црвени пиперки - ајварки/Фото: Unsplash

Метомилот се задржува до 14 дена во зеленчукот, затруените црвени пиперки не се вратени во земјата

Експертите тврдат, дека според Законот за фитофармација се вршат редовни и вонредни надзори во делот на увозот, дистрибуцијата и употребата на пестицидите. Неговата продажба кај нас е забранета повеќе од 10 години

Опасниот и забранет пестицид метомил, кој наводно беше откриен во црвените пиперки (ајварки) во Хрватска, се задржува до 7 дена во тутунот, 14 дена во хмељот, пиперките, доматите и краставиците, а дури 35 дена во овошјето и лозата, и до 42 дена во пченката и шеќерната репка, брифираат агроексперти за „Слободен печат“.

По прскањето со овој пестицид, лицата што работеле со него треба да бидат отсутни од работа најмалку два дена, а на добитокот не смее да му се дозволи пристап до третираните површини најмалку две недели по прскањето. Најстрого се забранува да се нанесува во заштитено подрачје (стакленици и оранжерии) и на површини што се користат за собирање вода за пиење. Експертите тврдат дека според Законот за фитофармација се вршат редовни и вонредни надзори во делот на увозот, дистрибуцијата и употребата на пестицидите. Неговата продажба кај нас е забранета повеќе од 10 години.

– Производите што содржат „метомил“ се забранети за увоз, продажба и употреба, а доколку се затекнат вакви производи во земјоделските аптеки, се вршат контроли кај индивидуалните производители за видот на фитофармацевските производи што ги користат, како и начинот на апликација, за што секој производител во согласност со законските прописи е должен да води соодветна евиденција – велат од Државниот инспекторат за земјоделство за МРТ.

Инаку, во тек е заедничка контрола на ДИЗ и на Агенцијата за храна кај извозникот на пиперките кај кои бил откриен опасниот пестицид. Агрономот Ристо Велков за нашиот весник додава дека затаила контролата, која мора да биде поактивна и почеста за да се спречат ваквите злоупотреби. Сепак, тој е зачуден како една земја што е членка на ЕУ, како што е Хрватска, не направила фито-контрола на границата и зошто се чекало толку време да се објават резултатите.

– Опасниот пестицид „метомил“ е откриен во 15 тони свежа црвена пиперка извезена од земјава во Хрватска. Пратката што стигнала на 9 септември не била запрена од граничната контрола и бил дозволен влез во земјата. По две недели откако бил земен примерок од малопродажната мрежа, утврдено било петпати поголемо присуството на пестицидот од дозволеното. Пиперките не се вратени во Македонија, нема информации дали се повлечени од продажба или уништени во Хрватска. Извозникот има извршено повеќе лабораториски анализи за присуство на пестициди во црвена пиперка од почетокот на берба на годинешната реколта при извоз и продажба, и тоа во акредитирани лаборатории во земјава и во други држави и до овој момент нема добиено резултати за зголемено количество на резидуим од фитофармацевски производи или присуство на недозволени фитофармацевтски производи – информира Државниот инспекторат за земјоделство.

Ни мирис, ни вкус

„Метомилот“ е системски инсектицид и акарицид со контактно и дигестивно дејство и може да биде смртоносен ако се проголта. Многу е токсичен за водниот свет со долгорочни последици, како и за птиците, пчелите и другите корисни членконоги, како и за дождовните црви. Тој е познат како Акинат, Агринат, ДуПонт или Ланате. Тој е инсектицид од прва категорија, забранет за продажба во земјава, во согласност со регулативите на ЕУ.

Доколку се употреби и само еден грам од отровот, кој нема ниту мирис ниту вкус, а дава зеленкасто-сина боја кога ќе се раствори, може да усмрти човек од 70 килограми. Кај животните, пак, смрт може да настапи и доколку само се помириса или вдише отровот. За потсетување, во 2023 година од него се затруја три лица од исто семејство од Скопје, од кои жената почина.

Тројцата беа затруени откако јаделе домашна храна во нивниот дом во Скопје, но не се дозна како пестицидот се нашол во нивната храна. Откако на социјалните мрежи се појавуваа совети овој отров да се користи за труење на бездомните кучиња, граѓаните пишуваа дека бил поставуван на јавни површини, па дури и во близина на училиштата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот