Мерки за поддршка на бизнисите и вработените погодени од новите рестрикции во Грција

Фото: EPA-EFE/ORESTIS PANAGIOTOU

Средства во висина од 1,5 милијарди евра за месец ноември, а 2,3 милијарди евра до крајот на годината се наменети за бизнисите и вработените погодени од новите рестриктивни мерки во Грција, соопшти министерот за финансии Христос Стајкурас.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, меѓу деветте иницијативи на министерствата за финансии и труд и социјални работи се и: можноста за привремено суспендирање на работниот однос и вклучување на вработените во програмата за добивање надомест од 534 евра месечно, а на  конкретната категорија вработени им се дава можност и за одложување на плаќањето на даночните долгови, а истото важи и за бизнисите.

За оние бизнис активности кои ќе затворат по наредба на властите, до април следната година се одложува плаќањето на ДДВ-то за месец ноември и може да се исплати на 12 рати без камата или на 24 рати со камата од 2,5 отсто доколку е после мај 2021 година.

Бизнисите кои што се во регионите со зголемена опасност, имаат право на задолжително намалување за 40 отсто на киријата за нивните деловни простори.

Предвидено е и финансирање на бизнисите преку т.н. „отплатен аванс”, односно финансиска помош за зајакнување на ликвидноста на бизнисите. За месец ноември ќе биде врз основа на падот на прометот во септември и октомври, а за декември врз основа на падот на прометот во ноември.

И во двата случаи, 50 отсто од секоја помош е неповратна.

Право на учество во конкретната програма имаат бизнисите кои имаат пад на прометот од најмлаку 20 отсто.

Дополнително, за невработените, надоместоците што истекоа и истекуваат во септември, октомври, ноември и декември се продолжуваат за два месеци.

Паралелно, задолжителната работа на далечина во приватниот и јавниот сектор е проширена на најмалку 50 отсто од вработените.

– Нашата цел е да ја прошириме и зајакнеме „безбедносната мрежа” за работниците и бизнисите, да ги ублажиме економските последици од здравствената криза и да ја одржиме социјалната кохезија, истакна министерот за финансии Христос Стајкурас, соопштувајќи ги новите мерки за поддршка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот