Меѓу уценуваните бил и братот на сопственик на познат скопски хотел

Еден од граѓаните чија приватност била нарушена исплатил 20 илјади евра во биткоини за да не биде објавена снимката во која бил со придружничка, објави „Код“. Анонимен извор им потврдил дека двајца од уценуваните скопјани се обиделе да извршат самоубиство.

Брат на богат сопственик на познат скопски хотел се нашол меѓу уценуваните граѓани снимени во мотелот „Вила уно“, дознава „Слободен печат“ од свои доброупатени извори. Скандалот, кој првично го откри емисијата „Код“, сѐ уште ја бранува јавноста со нови „пикантерии“. Во ексклузивно опремениот мотел што се наоѓа на Качанички Пат, покрај Скопје, цариници, судии, спортски функционери, полицајци и други видни личности биле нелегално снимани со мобилни телефони додека биле во собите на објектот со придружнички, по што „снимателите“ ги уценувале да уплатат илјадници евра во замена да не им бидат објавени снимките на Фејсбук. Парите требало да бидат уплатени во биткоини, а не во готовина, зашто сторителот не сакал да ризикува да биде откриен. Обвинителството и МВР уште го немаат пронајдено ниту снимателот ниту уценувачот.

Најновото издание на „Код“ објави дека еден од уценуваните граѓани исплатил 20 илјади евра во биткоини за да не му биде објавена снимката од дискретната средба. Според анонимен извор на емисијата, двајца од уценуваните скопјани се обиделе и да извршат самоубиство, бидејќи не можеле да прифатат дека приватноста им е нарушена.

Менаџментот на мотелот за „Слободен печат“ претходно изјави дека не знаат ниту кој снимал, ниту кога, ниту колку снимки се направени, ниту каде се снимките во моментов. Тие уверуваат дека соработуваат со полицијата за да ги заштитат своите гости што се на удар на уценувачот или на уценувачите.

Полицијата првично истрагата ја фокусираше на двајца поранешни вработени, кои во меѓувреме се вработиле во соседниот хотел со слична намена – преноќиште во кое се влегува преку гаража. Засега никој не е обвинет за кривичните дела неовластено снимање и уцена. Снимките најверојатно биле правени од постари модели на мобилни телефони.

„Код“ во неделата објави и дека пазарната инспекција влегла во „Вила уно“, но и во два соседни мотела од ист тип. Пазарните инспектори во двата објекта откриле книги на гости што биле запишувани почнувајќи од јануари годинава. Во третиот објект немало никаква книга на гости. Имало пријавени пари, но не бил почитуван законот поради доцнење на уплатата. Секој угостителски објект има обврска за секој гостин да плаќа 40 денари такса за еден ден престој. За ненавремената уплата на таксата, трите мотели се казнети со по 2.500 евра, а управителите 750 евра.

Мотелот „Вила уно“ функционира без вработени со физичко присуство. Влегувањето било исклучиво со автомобил, директно во гаража, и откако парите за услугата биле оставени во метална кутија, за да се гарантира дискреција на гостите, имало врата оттаму да се влегува во собата.

Уценувани спортисти и полицајци чии интимни средби во мотел биле тајно снимани

Уценувачите барале илјадници евра од гостите на „швалерското гнездо“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот