Медицинските сестри во Македонија бараат лиценци исто како што имаат лекарите

Медицинските сестри во Македонија бараат да имаат лиценци кои што ќе им ги издава тело што ќе го формирааат – Комора на медицински сестри. Тие бараат да биде воспоставена вертикала на нивното образование како што има во сите европски држави. Сите нивни нерегулирани потреби на професијата што ја работат секојдневно во македонските болници ги срочиле во Закон за медицински сестри и акушерки и му го пратиле на министерот Азир Алиу.

„Слободен печат“ дојде до текстот на предлог-законот за медицински сестри и акушерки.

Што содржи Законот?

 

На 20 страници од Законот за медицински сестри и акушерки се испишани сите регулаторни аспекти на сестринската професија кои во моментов не се регулирани. Сестрите во Македонија моментално не добиваат никакви лиценци и немаат Комора. За разлика од нив лекарите се регулирани со лиценци кои им ги издава Лекарската комора.

Во Законот за медицински сестри и акушерки пак, се наведува дека Комората на медицински сестри ќе ги издава, обновува, продолжува и одзема лиценците на медицинските сестри и акушерки, ќе врши стручен надзор над нивната работа и ќе води регистар на лиценците. Се предвидува со подзаконски акт да биде пропишан начинот на издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценците за работа. Според предлогот, лиценците за медицински сестри и акушерки би важеле 10 години.

Во Законот јасно и таксативно се наведени должности на медицинските сестри и на акушерките а не само нивните права. Со законот за првпат на хартија ним би им се забранило да спроведуваат постапки кои не се во согласност со нивната дејност, а со кои може директно или индиректно да му се нанесат штета на пациентот.

Медицинската сестра односно акушерката не смее да ја менува содржината на ординираната терапија од страна на докторот, пишува во Законот за медицински сестри и акушерки. 

Медицинската сестра според членот 22 од Законот што му бил доставен на министерот за здравство Азир Алиу, е должна да ги извршува задачите од професионалното звање согласно Законот, да ги применува сите достапни знаења од областа на здравствената нега.

Во Законот се наведува и дека сестрата е должна да постапува според утврдени правила и постапки за спроведување на здравствената нега во согласност со степенот на образование и стручниот назив, да учествува во спроведување на практичното образование на медицински сестри, да применува, спроведува и евидентира од докторот на медицина ординирана локална, перорална и парентерална терапија.

Сестрите се исто така должни навремено да го известуваат докторот на медицина за компликациите од ординираната терапија, да го информираат за промената во здравствената состојба, да спроведуваат постапки од областа на заштита на здравјето и превенција од болести, да водат документација за здравствената нега со која се евидентираат спроведените постапки во тек на 24 часа, да препознаваат личност која е животно загрозена и да применуваат итни постапки во согласност со своите компетенции.

Должност на медицинските сестри според законот е и да ги чуваат како професионална тајна податоците кои се однесуваат на здравствената состојба на пациентот, да ги почитуваат основните права на човекот, неговото достоинство, интегритет на личност и правата на пациентот согласно законските прописи.

Тие треба да ги почитуваат верските убедувања на пациентот, етичкиот кодекс на медицинските сестри, да соработуваат со сите членови на здравствениот тим и тимот за нега, да соработуваат со членовите на семејството и други лица во интерес на пациентот, да го чуваат угледот на здравствената установа, односно установата во која работи,  економично да ги користат материјалите, приборот и опремата а на пациентите во терминална фаза да им овозможуваат висок квалитет на нега и третман, според принципите на палијативна нега.

Прекршочни одредби

 

Законот содржи и износи за прекршочни глоби. Глоба во износ од 100 евра до 300 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на медицинската сестра и акушерката ако не ја исполни обврската за чување на професионална тајна, ако работи без лиценца, ако спроведува постапки кои не се во согласност со нејзината компетенција и одговорности, а може директно или индиректно да нанесат штета на пациентот и ако не ги евидентира сите спроведени постапки во документацијата за здравствената, односно акушерската нега за секој пациент.

Истата глоба е предвидена ако сестрата ја менува содржината на ординираната терапија од страна на докторот специјалист и ако веднаш писмено не го извести претпоставениот здравствен работник во случај кога пациентот одбива ординирана постапка или одбива да прими ординирана терапија и во случај на неможност за спроведување на ординирана постапка.

Казни се пропишани и за здравствените установи кои ќе бидат казнети со глоба од  3.000 евра до 5.000 евра а одговорното лице со глоба од 300 евра до 500 евра во одредени ситуации. Тие ситуации се ако не го осигура здравственото лице од штета која настанала во текот на неговата работа и ако вработи лице без соодветна лиценца за работа, но и ако ги ограничува правата на медицинските сестри и акушерки за професионален развој.

Во членот 5 од Законот за медицински сестри и акушерки се утврдува постоењето на различни профили на медицински сестри како здравствени работници, звањата на медицинските сестри според степенот на стручната подготовка во Република Северна Македонија. Така тие се делат на „медицинска сестра со општ профил – дипломирана медицинска сестра“, „медицинска сестра – техничар“, „медицинска сестра специјалист – дипомирана медицинска сестра специјалист во одредена област“ како и звањата кои се признаваат а за кои се уште не постои образование на тоа ниво „мастер по сестринство“, „доктор по сестрински науки“ во нашата земја.

Во член 6 од Законот за медицински сестри и акушерки се утврдува постоење на различни профили на акушерки како здравтсвени работници зависно од степенот на стручна подготовка. Тоа се „дипломирана акушерка“, „дипломиран акушерски техничар“, „ специјалист по акушерство”, „магистер по акушерство“ и „доктор во областа на акушерска нега“.

Во Законот стои дека медицинските сестри и акушерките имаат право и обврска на континуирано и трајно стручно усовршување што значи дека ќе бидат обврзани да ги обновуваат стекнатите знаења и усвојуваат нови знаења, вештини и ставови во согласност со најновите достигнувања и знаења од областа на здравствената, палијативнатаи акушерската нега и тоа со учество во стручни семинари, обуки, конференции и други стручни собири.

 Медицинските сестри и акушерки задолжително да бидат испратени на континуирано стручно усовршување и од страна на јавната здравствена установа. Директорот на јавната здравствена установа е должен да донесе Решение за упатување на обука и/или други облици на континуирано стручно усовршување со што ќе и овозможи на медицинската сестра, односно на акушерката учество на обука и други облици на континуирано стручно усовршување, се наведува во Законот. 

Предлогот на законот е  изработен од претставници на Унијата на здруженијата на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри предводени од „За нас“. Овој Закон во времето кога министер за здравство беше Беким Сали, беше изработен во три работни групи но не беше ставен во собраниска процедура.

Медицинската сестра Гордана Бешлиовска за „Слободен печат“ вели дека истиот е дотеран по примерот на земјите од регионот, но дека додека да се донесе, итно се потребни измени во Законот за здравствена заштита и во него да се внесе регулаторното тело (комората на сестри) што ќе ги издава лиценците за медицински сестри.

-Средбата со министерот не можам да ја окарактеризирам како нешто што ги реши работите. Неповикувањето на јавна расправа за законите поврзани со здравството докажа дека сето тоа што со години го бараме, треба да го спроведува регулаторно тело. Бараме имплементација во здравствените политики а додека да се донесе законот, да се измени оној за здравствена заштита. Во измените да се структурира сестринската професија, да ни ги даде јавните овластувања нам во Унијата за системските, едукативните и синдикалните овластувања да не ги добијат некои неформални луѓе и да не се случуваат импровизации, вели за „Слободен печат“ Гордана Бешлиовска, долгогодишна медицинска сестра и претседател на Унијата на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри предводена од здружението „ЗМСТАС За Нас“. 

 

ВИДЕО | Капка по капка, се прелеа чашата од незадоволство на медицинските сестри: Азир Алиу не ги викнал на јавна расправа за Законот што му го напишале

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот