
Мажите умираат од синдром на скршено срце двојно почесто од жените
Сите знаеме дека скршеното срце многу боли. Безброј книги, песни и филмови се напишани и снимени на оваа тема, но постојат и научни докази дека скршеното срце може да биде фатално и за здравјето.
Препорачано
Секој случај на синдром на скршено срце не е предизвикан од раскинување на врската, но јасно е дека губењето на некој што го сакаме има повеќекратни последици врз нашето физичко и ментално здравје и дека срцето понекогаш може да го преземе најголемиот дел од стресот. Медицински, тоа се нарекува Такоцубо кардиомиопатија (синдром Такоцубо, стресна кардиомиопатија) и се карактеризира со слабеење на срцето предизвикано од физички или емоционален стрес.
Зголемување на случаите
Нова студија од истражувачи од Универзитетот во Аризона ги проучувала податоците за речиси двесте илјади пациенти во САД и открила дека синдромот на скршено срце е во пораст, почесто ги погодува жените, но е пофатален за мажите – смртта е повеќе од двојно поверојатна кај мажите.
– Бевме изненадени кога откривме дека стапката на смртност од Такоцубо кардиомиопатија беше релативно висока и без значајни промени во текот на петгодишната студија, а стапката на болнички компликации беше исто така зголемена – вели интервентниот кардиолог М. Реза Мовахед од Универзитетот во Аризона.
Тој истакнува дека синдромот на скршено срце е предизвикан од бран на стресни хормони, предизвикани од физички или емоционален стрес. Физичкиот стрес може да биде операција или инфекција, додека емоционалниот стрес може да биде развод, раскинување на врска или смрт на близок. Такоцубо кардиомиопатијата поради физички стрес е почеста кај мажите, што може да го објасни поголемиот број смртни случаи предизвикани од состојбата. Истражувачите исто така сметаат дека разликите во хормонската рамнотежа меѓу половите може да играат улога.
Некои компликации може да се спречат
Тие исто така наведоа дека компликациите што произлегуваат од синдромот на скршено срце вклучуваат конгестивна срцева слабост, атријална фибрилација, кардиоген шок, мозочен удар и срцев застој.
Поради сличноста на симптомите, овој синдром често се означува како срцев удар или болка во градите, но истражувачите кои стојат зад новата студија се надеваат дека ќе ја подигнат свеста за состојбата, за да може подобро да се дијагностицира и да се третира поефикасно.
– Некои компликации, како што е емболичниот мозочен удар, може да се спречат со лекови против згрутчување на крвта кај пациенти со значително ослабен срцев мускул или со атријална фибрилација, што го зголемува ризикот од мозочен удар – вели кардиологот Мовахед.