„Матни“ настани во февруари: Џафери платил казна и продолжил против законот, Фондот за иновации незаконски му доделил грант на Дрин Ахмети

Талат Џафери Фото: Слободен печат

Како дел од проектот „Бистро-матно“ за редовни месечни и годишни анкети за корупција, „Транспаренси интернешнл-Македонија“, ги објави настаните кои беа актуелни во февруари.

Матен настан за месец февруари е  прекршување на законот од страна на Талат Џафери кој иако бил претседател на Собранието истовремено членувал и во партиските органи на ДУИ, поконкретно во претседателството на Генералниот совет на партијата.

Од Транспаренси го потенцираат и барањето на ДКСК за започнување на постапка против Фондот за иновациии кои незаконски доделувал грантови меѓу кои и на внукот на Али Ахмети.

„Антикорупционерите побараа од Владата да утврди одговорност кај органите на Фондот за иновации и технoлошки развој, вклучувајќи го директорот Фестим Халили поради сомнежи за злоупотреба на законот поради доделените пет милиони денари на фирмите Тхор индустриес и Еверест ЏД, во сопсотвеноста на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети. Злоупотребите велат се правеле противзаконски со кратењето на роковите за проектите, принцип по кој Фондот работел и во други случаи кои не се поврзани со Дрин Ахмети.“

Меѓу најматните настани за месец февруари според Транспаренси е и извештајот на Државниот завод за ревизија за Автопатот Кичево-Охрид, најголема инфраструктурна инвестиција со „децениска“ изградба.

„И покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45%, делницата Кичево – Охрид не е изградена. Недостатоци за проектната документација, нерешените експроприации на земјиштето како и недоволно обезбедените соодветни човечки и технички ресурси од страна на изведувачот, влијаеле на пролонгирање на изградбата и предизвикале дополнителен одлив на финансиски средства над првично договорените, што не е во согласност со пропишаниот правен стандард за постапување со должно внимание уреден со Законот за трговски друштва“, стои во извештајот на ДЗР.

Исто така во „матните“ настани за февруари е и отворање на предмет против  екс градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, кој ја злоупотребил градоначалничката функција и го смени, деталниот урбанистички план кај Мајчин дом.

Транспаренси во матните настани го вметна и затворањето на предметот за ДУП-от на Треска од страна на ДКСК и негово предавање до Обвинителството.

„На последната работна седница, пред да ги отстапат функциите на своите наследници, овој состав го затвори и предметот за начинот на планирање на ДУП-от за „Треска“. На обвинителството му го предава предметот со констатирани сомнежи за корупција на фирмите кои пред 10 години го изработиле планот, за општината да го усвои спротивно на генералниот урбанистички план“.

Во делот на бистрите настани за февруари е кривичната пријава против седум лица кои посредувале за вработување во Агенцијата за Администрација, кривична пријава против двајца полицајци кои примиле поткуп, замрзнување на имотот на сопственикот на фирмата „Новоматрикс“ поради затајување на данок како и кривичната пријава против професионален војник вработен во затворот „Идризово“ кој им доставувал телефони на осуденици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот