Масовниот убиец Брејвик ја тужи Норвешка: Се досадува до смрт во луксузната ќелија

Дневната соба во ќелијата на Брејвик - Фотографија ЕПА, Оле Берг-Рустен

Обвинителството категорично ја отфрла жалбата на Брејвик како „неоснована“, бидејќи тој има контакт со чуварите, со свештеник, со лекари и болничари, а секој втор викенд има право да се среќава по еден час со уште двајца затвореници од друг блок на Рингерике

Озлогласениот убиец Андерс Брејвик повторно ќе ја тужи Норвешка поради „нехуманите услови“ во кои ја отслужува својата казна, иако половина свет без размислување веднаш би се вселил во неговата ќелија, поудобна од хотелски апартман.

Неонацистот што во 2011 година ладнокрвно уби 77 луѓе на половина од отслужувањето на својата казна од 21 година затвор се жали на „длабока депресија“ поради строгата изолација во затворот Рингерике.

За масакрот од Утоја, норвешкиот суд му ја изрече максималната казна на Брејвик – 21 година затвор, кој може да биде продолжен „ако биде утврдено дека тој и понатаму може да биде закана“. Заради негова безбедност судот побара за него да биде издвоено цело крило во затворот со поглед на езерото околу островот Утоја, на кој во јули 2011 година уби 69 луѓе, главно членови на подмладокот на Лабуристичката партија што биле на излет.

– Тој е во изолација скоро 12 години. Живее во целосно заклучен свет. Повеќе не сака да биде жив – изјави адвокатот Ојстеин Сторвик.

Четириесет и четиригодишниот Брејвик ја отслужува казната во трособна ќелија. Највпечатлива е дневната соба, со кожена гарнитура спроти телевизор со огромен екран, на кој е поврзана конзола за игри. Собата има парно греење и ЛЕД осветлување, а ѕидовите се украсени со графика и фотографија од Ајфеловата кула. Бањата и спалната се мали и пристојни, а во кујната на располагање има машини за перење и за садови, микробранова печка, шпорет, фрижидер и комплетен прибор.

Брејвик на располагање има сала за вежбање – Фотографија ЕПА, Оле Берг-Рустен

Во издвоени простории до кои нема пристап никој друг, Брејвик на располагање има направи за вежбање, како и до фискултурна сала со кош. Има и пристап до двор во кој може да шета и да се рекреира. Во кафез во „кафезот“ тој чува и три папагалчиња. Од својата ќелија тој посетува курсеви по математика и бизнис.

Не се кае за злосторството

Претставници на Обвинителството категорично ја отфрлаат жалбата на Брејвик како „неоснована“, тврдејќи дека тој не е во целосна изолација. Тој има контакт со чуварите, со свештеник, со лекари и болничари, а секој втор викенд има право да се среќава по еден час со уште двајца затвореници од друг блок на Рингерике. До неодамна во посета му доаѓаше и доброволец, но Брејвик побарал повеќе да не се гледа со него.

– За невообичаено опасен затвореник потребни се невообичаено строги мерки – изјави пред судот Андреас Хјетланд, претставник од обвинителството.

Хјетланд тврди дека на половина од отслужувањето на казната нема никакви показатели дека Брејвик се рехабилитира во затворот.

– Тој сѐ уште е горд на тоа што го направи. Тој сѐ уште стои зад идеологијата што го поттикна на злосторството – вели Хјетланд.

По неколку години во затвор, Брејвик отворено го отфрли насилството, но не изразил каење за убиствата и не отстапува од своите нацистички убедувања, за кои тврди дека ќе ги промовира со мирни средства. На сослушувањата во судот тој редовно се појавува со нацистички поздрав или со крената тупаница.

– Можно е да се биде нацист без да се биде насилен – истакна Брејвик на заседавањето за можно помилување откако поминаа десет години од затворската казна.

Судот во Телемарк, сепак, оцени дека „нема основа да се верува дека Брејвик се откажал од насилството“ и пресуди дека тој останува „ризик за општеството“.

– Масовниот убиец сѐ уште е многу опасен човек – изјави обвинителката Хулда Карлсдотир. И неговиот психијатар Ранди Розенквист, по неколку прегледи на затвореникот, во извештајот заклучила дека „не може да му се верува“.

Со благост против злото

Андерс Брејвик го користи секое право за да ги оспори затворските услови, наспроти реакциите од светската јавност, дури и на најлибералната во Норвешка, дека казната е преблага за злосторството, а ќелијата е поудобна од многу семејни домови.

Полуотворена просторија за шетање со кош – Фотографија ЕПА, Оле Берг-Рустен

И во 2016 година тој ја тужеше Норвешка поради „нехуманите услови“ во ќелијата, издвојувајќи ги изолацијата, честите претреси, носењето лисици во раните фази од престојот во затворот, квалитетот на оброците, пластичниот прибор за јадење, дури и „старите игри за плејстејшн“. Жалбата првично му беше одобрена, но одлуката беше поништена од повисок суд. Не му беше уважено барањето да добива посети поради „опасноста од воспоставување контакти со други десничарски екстремичари“.

Третирањето на најсуровиот масовен убиец во Норвешка отвори дебата дали казнениот систем е преблаг за вакви злосторства, односно дали казната е поголема за жртвите отколку за злосторниците.

– Никогаш во Норвешка немало вакво тешко злосторство. Масакрот на Утоја отвори дебата дали законите треба да се променат за случаи како Брејвик – вели Ерик Курсетјерде, кој на возраст од 18 години го преживеал масакрот во 2011 година.

Јохан Бухт, професор по право на Универзитетот на Осло, објаснува дека „лишувањето од слобода“ е главната казна во сите нордиски земји.

– Во казнените системи во сите нордиски земји се почитува правилото дека казната не треба да биде посурова отколку што е неопходно. Главната казна е лишувањето од слобода. Вториот аспект е рехабилитацијата и принципот дека е подобро долгорочно да се рехабилитираат затворениците октолку да се создадат нехумани закони што би биле „фабрика за криминалци“ – објаснува професорот Бухт.

Затворите во Норвешка не отскокнувале со условите и со хуманоста сѐ до големата реформа во шеесеттите години од минатиот век, кога се преминало на систем со поблаги казни, поудобни затвори и создавање поздрава основа за рехабилитација. Никаде во Европа нема смртна казна, но во многу земји има доживотна робија.

Човекот што уби 77 луѓе се грижи за три папагали – Фотографија ЕПА, Оле Берг-Рустен

Во Франција, на пример, осудените на доживотен затвор добиваат право да побараат помилување дури откако ќе отслужат 22 години зад решетки. На нехумани услови се жалеше и Салах Абдеслам, единствениот преживеан од терористичката ќелија што го изврши нападот во Париз во ноември 2015 година. Во затворот Флори-Мерогис, Абдеслам е во самица надгледувана 24 часа на ден, со кревет и маса заковани за подот и со право на прошета на отворено по еден час на ден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот