Масовна емиграција од Тетово: Сите млади од семејството Хусеини заминати на печалба – затворени куќи, спуштени ролетни

Фото: Слободен печат

Сите млади од семејството Хусени го напуштија родното Тетово. Отселени се претежно во западноевропските земји.

Злата Хусеини за „Слободен печат“ раскажува дека трендот на иселување на младите е започнат одамна, но изминативе 15 месеци состојбата е загрижувачка.

Во градот, вели таа, ќе останеме само ние пензионери. „Младите од мојата фамилија, но и младите од фамилијата на мојот сопруг се заминати. Ниту еден не остана во градот“.

„Четири сина ми се заминати во странство. Причината за нивното заминување е немаштијата. Ние работевме во „Тетекс“ со ниски примања, само за леб имавме пари и тоа леб за половина уста. Поради немаштијата заминале, кој заминал од тоа што имал, тој што има, останал овде, а кој има?, Се знае кој има, синовите им возат скапи возила, а ништо не работат. Немаме младина, останевме само ние стари, а куќите со спуштени ролетни“, вели Злата Хусеини.

Да можеме и ние би се отселиле, оти тука како да живееме сами, додава таа.

„Нема никој овде и ние одиме кај синовите по три месеци, оти немаме право да останеме во странство, кога би имале право и ние би останале во странство. Нема живот овде, ајде кажете каков живот? Мојот сопруг има пензија од 13.800 денари, јас со 13,5 години стаж не можам пензија да земам. Цели фамилии се заминати и ги заклучиле куќите. И пензионери заминуваат, остануваат само тие што не можат да направат документи, од зорт остануваат тука. Моите сестри помогнаа синовите да заминат во странство, а некои одат така како азиланти се пишуваат, на црно работаат, кој како ќе се снајде. Другарите од мојот син ми велат: Леле тетке, па твоите синови со занает заминаа во странство подобро просперирале, отколку ние со факултет“, вели Хусеини.

За масовното иселување во Тетово говорат и податоците од Секторот за јавни дејности во општината.

Околу 200 основци и средношколци од почетокот на учебната година досега добиле исписници поради иселување. Од нив, 143 се ученици од основните, а 59 од средните училишта. Во текот на првата половина од годината се затворени осум паралелки во училиштата.

„Иселувањето е приближно исто, речиси во секое основно училиште, во училиштето „Истигбал“ имаме 8 иселувања, во Шипковица 11, во „Кирил и Методиј“ 19, во „Наим Фрашери“ 18, во „Кикиш“ 8, во Братство-Миѓени 13, во „Беса“ во Вешала 7, во Голема Речица 18, во „Лирија“ 4, во „Гоце Делчев“ 15 и во училиштето „Скендербег“ 18. Што се однесува до средните училишта, најмногу исселувања има во економското училиште „8 Септември“, каде исписници добија 35 ученици, во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ тројца ученици, во средното медицинско училиште 7, од училиштето „7 март“ 4 ученици, а во „Ѓоце Стојчевски“ имаме 10 исписници“, изјави за медиумите Назми Даути, раководителот на секторот за јавни дејности при Општина Тетово.

Од средното медицинско училиште „Никола Штејн“ велат дека одамна е започната миграцијата на младите.

„Некогаш нашето училиште имаше поголем број ученици, но и во моментов сме едно од училиштата со најголем број ученици во државата. Имаме приближно 2.150, но имавме 2.750 ученици пред 10-15 години“, вели Бинас Пајазити, директорот на Средното медицинско училиште „Никола Штејн“.

На автобуската станица во Тетово веќе неколку години автобусите кои носат патници во западноевропските земји се преполни со „млади печалбари“ кои го напуштаат родното Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот